Јотова: Направени законски измени, но секогаш недостига документ за регистрација на ОМО „Илинден Пирин“
По средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Јотова очекува надзорот над пресудите на Стразбур да заврши на следната седница.

Бугарската претседателка Илијана Јотова по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа Ален Берсе во Стразбур изјави дека очекува надзорот над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со ОМО „Илинден Пирин“ конечно да биде завршен на следната седница.
Јотова рече дека Бугарија досега ги исполнила сите упатени препораки од меѓународните тела и во координација со Агенцијата за впишување направила законски измени за да се овозможи регистрација на организацијата, но додаде дека од нивна страна секогаш изостанува некаков документ при аплицирањето.
Контекст и неприменети пресуди
Советот на Европа е надлежен за надзор на спроведувањето на пресудите на Судот во Стразбур. ОМО „Илинден Пирин“ е само една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, но е најбројна и најактивна во поднесувањето тужби пред Европскиот суд за човекови права и редовен победник во споровите.
Од вкупно 16 добиени пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Стразбур во 2001 година. Ниту неа, ниту последователните 10 добиени пресуди, Република Бугарија ги спровела до денеска. Останатите 5 пресуди ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од страна на бугарските власти.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе неколку пати побара јасни гаранции од Советот на Европа дека нема проблем со македонскиот идентитет, јазик и култура, како и Бугарија да ги спроведе пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за правата на Македонците.
Фото: Бугарско претседателство)


