Јована Петрушевска се врати во репрезентацијата, ќе игра против Естонија во Штип
Искуственото крило му се придружи на селекторот Виктор Петровски и ќе игра вечерва во спортскиот центар „Џексон“ со почеток во 18:00

По неколкугодишна пауза, Јована Петрушевска повторно е дел од женската сениорска репрезентација на Македонија и му се стави на располагање на новиот стручен штаб предводен од селекторот Виктор Петровски. Искусното крило го означи повратокот со добар настап на гостувањето во Букурешт, во рамки на претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Искуство за млад тим
Петрушевска вели дека враќањето во националниот тим ѝ носи особено задоволство и мотивација да даде максимум за државата и го оцени натпреварот во Букурешт како значајна лекција за составот кој се подмладува.
„По пауза од неколку години, повторното враќање во националниот тим за мене претставува посебно задоволство, чест и мотив да го дадам максимумот за Македонија. Натпреварот во Букурешт беше едно важно искуство и поглавје за нашиот подмладен тим, кој можеби нема големо искуство, но има огромна желба, борбеност и мотивација за напредок. Верувам дека со секој нареден натпревар ќе растеме како екипа и ќе стекнуваме дополнителна самодоверба“, вели Петрушевска.
Вечерва на програмата е вториот натпревар од групата „Ц“ — во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, со почеток во 18 часот, кога Македонија ќе го пречека тимот на Естонија.
„Натпреварот против Естонија, кој го играме на домашен терен во Штип, го очекуваме со голема мотивација. Играњето пред домашната публика секогаш е посебно чувство и верувам дека поддршката од трибините ќе ни биде дополнителен ветер во грб. Нè очекува сериозен противник, репрезентација која заслужува респект, но ние ќе влеземе во натпреварот максимално подготвени, со желба да се надигруваме и да го дадеме најдоброто од себе. Најважно е да продолжиме да веруваме во овој тим, да се бориме една за друга и да покажеме дека Македонија има потенцијал и убава иднина“, порачува Јована Петрушевска.
Натпреварот Македонија – Естонија почнува во 18 часот во спортскиот центар „Џексон“ во Штип и ќе биде пренесуван во живо на МРТ 3.
Фото: КФСМ


