ЈСП прави „камбек“ на линијата 37, бутелчани со поддршка за промени и на 35‑ката
37‑цата ќе сообраќа по нова траса низ булевар „Словенија“; градоначалникот на Бутел ги повика граѓаните да се изјаснат за 35‑ката.

Од почетокот на септември автобуската линија број 37 повторно ќе се најде во возниот ред на Градот Скопје, но со изменета траса што преку булеварот „Словенија“ директно ќе ги поврзе Радишани и Бутел со средните училишта во Карпош и со „Скопје Сити мол“. Во меѓувреме, градоначалникот на Бутел ја отвори јавната расправа за продолжување на линијата број 35 до Радишани.
Пробно од 17 август, целосно вклучување од 1 септември
Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, ја најави промена на траекторијата на 37‑цата: „Во координација со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и Општина Бутел, ја враќаме 37-цата на улиците, но овој пат по сосема нова траса што за првпат го става во функција булеварот „Словенија“ и ги поврзува Радишани и Бутел директно со сите средни училишта во Карпош и со „Скопје Сити мол“ – објави Димитровски.
Од Град Скопје потврдија дека линијата од 17 август веќе сообраќа пробно на релација Карпош 3 – Радишани, во работните денови, а целосно вклучување и додадување на возниот ред на ЈСП се очекува од 1 септември.
Тргнувањата од Карпош 3 се во 06:40, 08:10, 14:10 и 15:40 часот, додека тргнувањата од Радишани се во 07:25, 08:55, 14:55 и 16:25 часот. Според соопштението на ЈСП, автобусот од Радишани ќе минува по улиците „Радишанска“, „Бутелска“, булеварот „Босна и Херцеговина“, булеварот „Словенија“, потоа „Качанички пат“, Сервисна улица Качанички пат, булеварот „8 Септември“, булеварот „Партизански одреди“, а линијата ќе завршува на улицата „Манапо“. Во правец од Карпош 3 кон Радишани, трасата сообраќа по улица „Манапо“, булевар „Илинден“, улица „Бледски договор“, булевар „Партизански одреди“, булевар „8 Септември“, улица „Качанички пат“, булевар „Словенија“, булевар „Босна и Херцеговина“, потоа по улицата „Бутелска“ и завршува на улица „Радишанска“.
Градот нагласи дека за пробниот период се користат постојните автобуските постојки долж трасата, а доколку се утврди потреба може да се воведат дополнителни постојки.
– Според процената на состојбите и потребите на корисниците на јавниот превоз, ЈСП „Скопје“ постојано ја следи состојбата на терен и врши анализи на транспортните потреби. Во зависност од резултатите од анализите и реалните потреби, во иднина би се пристапило кон измени во мрежата на јавниот превоз, вклучително и воведување, изменување или оптимизирање на одредени линии. Во моментов, нема кратење или повлекување на постојни линии почнувајќи од септември. Сите евентуални промени во иднина ќе бидат разгледувани врз основа на анализи на превозните потреби, оптовареноста на линиите и интересот на корисниците на јавниот превоз – велат од Град Скопје.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, објави дека до него пристигнале предлози за продолжување на линијата 35 до Радишани и ги повика жителите да се вклучат со мислења: „Пред да преземеме понатамошни чекори, сакам да го слушнам и вашето мислење. Ве повикувам во коментарите да ги споделите вашите мислења, предлози и сугестии за продолжување на линијата број 35 до Радишани“.
Објавата собра огромен број реакции, најголемиот дел позитивни, при што жителите посочија дека продолжувањето ќе им помогне на работниците и учениците. Еден од граѓаните напомена дека треба да се зголеми фреквенцијата на возења и понуди решение низ продолжување на други линии: – На последна „16-ка има многу автобуси: 2а, 13, 16, 26, 42. Доколку дел од нив се продолжат до Радишани, Бутел ќе добие поврзаност со Кисела Вода или со Драчево, па преку Железара ќе има поврзаност со Автокоманда, трговските центри и супермаркети во Аеродром, но и ќе се избегне прекачување на Бит-пазар за средношколците – вели тој.
Други жители апелираа за почеста линија 57, која е често пренатрупана. ЈСП и Градот сега ќе анализираат податоците од пробниот период и предлозите од жителите пред да донесат конечни одлуки.
Фото: Фејсбук