Каналите, гробиштата и септичките јами како ризик-фактори за комарците во Скопје
Во Скопје се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска, се мапираат и се третираат 34 ризични и 13 високоризични локации.

Досега се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска, од кои 40 се лабораториски потврдени, а три се суспектни. За првпат годинава ИЈЗ потврдува случаи во општините Центар и Чаир.
Карта и таргетирано третирање на ризичните точки
По големиот број дојави од граѓани за угинати птици, Агенцијата за храна и ветеринарство потврди присуство на вирусот Западен Нил кај угинат гавран. Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека во координација со општинските служби се надградија мерките и се фокусираа кон 34 ризични и 13 високоризични локации во главниот град.
„Серава е дел од проблемот во Арачиново и во Бутел, каналите Јурумлери, Стајковци, Синѓелиќ, Гази Баба, главниот канал на Илинден во Скопско поле, каналите во Драчево, каналите Батинци и Студеничани и она што го лоциравме се уште неколку видови на висок ризик што претходно не биле земени предвид, тоа се септичките јами“, изјави Сашо Клековски, наведувајќи ги периферните канали и септичките системи како нови точки за акција.
Гробиштата се посочени како ризик поради застоена вода во вазните, скршени јавни чешми и фрлени стари гуми. Град Скопје спроведува географско мапирање на места со застоена вода, а Центарот за јавно здравје подготвува оперативен план за тоа каде и кога ќе се прска.
Ентомологот Николина Соколовска од ЦЈЗ Скопје вели дека според анализите и претходните прскања има намалување на бројот на комарците во однос на минатите години, но оти е потребно пофино таргетирање на критичните точки.
„Е сега потребно е да се мапираат, да се видат критичните точки и тие треба да се третираат, затоа што еве конкретно во населба Драчево, не секаде во секој дел на Драчево, има ист број на комарци. Туку треба потемелно да се работи за да имаме намалување на бројот на комарци“, вели Николина Соколовска, нагласувајќи ја потребата од детално теренско мапирање.
Од Министерството истакнуваат дека средствата со кои се прска се одобрени од СЗО. Дополнителен проблем останува што многу приградски населби околу Скопје сè уште немаат градска канализација. „Една од работите што недостасува, што ја лоцираме во моментов и што ја нема во земјава се таблети со бацили за дезинсекција на септички јами. Тоа го има во Грција, го идентификувавме, го нема во Македонија. И работиме на тоа тие да бидат достапни кај нас“, додаде министерот Клековски.
На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 22 пациенти со потврдена западнонилска треска и повеќе коморбидитети, а пет од нив се во тешка состојба на Одделот за интензивна нега. Надлежните велат дека картографирањето, третманот на ларвите и следењето на состојбата ќе останат приоритет додека здравствените установи ги следат тешките случаи.
Фото: прес-материјал од настанот