Капитал уан: затворивме над 300 сметки поврзани со Трамп поради сомнежи за перење пари
„Капитал уан“ тврди дека над 300 сметки поврзани со Трамп биле затворени поради анализа за спречување на перење пари и бара тужбата од март 2025 година да биде отфрлена.

Финансиската корпорација „Капитал уан“ (Capitol One) поднесе одговор на тужбата што ја поднесоа „Трамп Организација“ и Ерик Трамп, поврзана со затворањето на стотици банкарски сметки поврзани со бизнисот на семејството Трамп, соопштува банката. Во поднесокот се наведува дека одлуката произлегла од детална ревизија за спречување на перење пари.
Банката бара отфрлање на тужбата и посочува дека одлуката била донесена пред четири години
„Трамп Организација“ и Ерик Трамп ја поднесоа тужбата во март 2025 година, тврдејќи дека сметките биле затворени поради политичка дискриминација и дека одлуката е поврзана со ставовите на банката по случувањата од 6 јануари 2021 година.
Во својот одговор, „Капитал уан“ ги отфрла овие обвинувања како неосновани и истакнува дека планот за затворање на повеќе од 300 сметки поврзани со Трамп бил донесен уште во март 2021 година. Банката сега бара од судот тужбата да биде отфрлена и ги оспорува тврдењата дека незаконски одбила услуги од религиозни или политички причини.
Иако банката не ја обвинува директно „Трамп Организација“ за перење пари, во судскиот поднесок се наведува: "документите и наводите на самите тужители јасно покажуваат дека „Капитал уан“ ги затворил сметките од причини поврзани со спречувањето на перење пари".
Во документацијата се додава и дека: "Сметките беа затворени по неколкумесечна анализа и внимателна верификација од страна на тимот за борба против перење пари на банката, сè во согласност со внатрешните правила и упатства на регулаторот." Понатаму банката посочува дека шемите на трансакции што ги идентификувала спаѓаат во видови активности за кои предупредуваат федералните банкарски упатства.
Ова е една од ретките официјални изјави од американска банка во која се поврзуваат сомнежи за перење пари со активности поврзани со семејството на поранешниот претседател; спорот за затворањето на сметките ќе продолжи низ судскиот процес.
Фото: profimedia / Facebook