Почетна
Македонија

Каранфилова‑Пановска: Состојбата кај кочанските оризопроизводители е катастрофална

СДСМ предлага 10 денари по килограм и повикува на обезбедување средства со ребаланс до крајот на годината.

·Македонија
Каранфилова‑Пановска: Состојбата кај кочанските оризопроизводители е катастрофална

Заменик‑претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова‑Пановска, предупреди дека оризопроизводителите во Кочанско се соочуваат со катастрофална состојба која, ако не добијат итна финансиска помош, може да доведе до тоа наредната година нивите да останат непосеани. Изјавата ја даде за време на посетата на манифестацијата „Денови на кочански ориз“ во селото Горни Подлог.

Пад на откупот и ниски цени

Според неа, земјоделците се соочуваат со екстремно ниски откупни цени кои воопшто не ги покриваат основните трошоци за производство, како и со речиси целосен застој во откупот.

„Денеска нема откуп на оризот, а тој што се откупува е по цена од 16 денари за килограм, што е страшно понижувачки“, истакна Каранфилова‑Пановска, правејќи споредба со 2021 година кога откупната цена изнесувала 42 денари.

Таа нагласи дека сегашната цена е целосно недоволна со оглед на сериозниот пораст на цените на нафтата, на ѓубривата и на механизацијата. „Денеска, кога земјоделците, оризопроизводителите, се соочени со сериозен пораст на цената на нафтата, на ѓубривата, на целата механизација, оваа цена апсолутно не ги покрива трошоците. Тоа што нема откуп е дополнително загрижувачки“, додаде таа.

Каранфилова‑Пановска потсети дека СДСМ веќе предложиле законско решение во Собранието со кое се предвидува дополнителна поддршка од 10 денари за секој произведен и откупен килограм ориз. "Ги повикуваме владејачкото мнозинство, ВМРО и целата владина коалиција сериозно да го разгледаат и да го поддржат ова законско решение и со најавениот ребаланс до крајот на годината да ги обезбедат овие средства, за да можеме да сметаме дека догодина во Македонија ќе има земјоделие, ќе има оризопроизводители", рече заменик‑претседателката на СДСМ.

Без навремена државна интервенција, предупреди таа, постои реален ризик дека следната сезона ќе падне производството на ориз, со долгорочни последици за земјоделскиот сектор во земјата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи