Кили Гонзалез презема Интер Мајами — Аргентинецот нов тренер на тимот на Меси
Кристијан „Кили“ Гонзалез, 52, ќе ја преземе тренерската позиција откако ќе ги добие работните дозволи; Гилермо Ојос ќе води привремено.

28.08.2026 — Интер Мајами попладнево го потврди потписот на Кристијан „Кили“ Гонзалез како нов шеф на тренерскиот штаб. 52-годишниот Аргентинец ќе ја преземе функцијата штом ќе ги добие потребните работни дозволи.
„Гонзалез официјално ќе ги преземе своите должности штом ќе ги добие соодветните работни дозволи. Гилермо Ојос привремено ќе продолжи да го води тимот до доаѓањето на новиот шеф на стручниот штаб и неговиот тренерски тим“, објави Интер Мајами.
Кариера како играч и како тренер
Гонзалез е добро познат на љубителите на европскиот фудбал: во играчката кариера настапуваше за Росарио Централ, Бока Јуниорс, Сарагоса, Валенсија и Интер Милано, а за аргентинската репрезентација одигра 56 натпревари.
Тренерската кариера ја градел во родната Аргентина, водeјќи ги Росарио Централ, Унион Санта Фе и Платензе. Оваа позиција во Интер Мајами е неговата прва работа надвор од Аргентина и му дава директна можност да работи со еден од најдобрите фудбалери на сите времиња — Лионел Меси.
Промената на клупата доаѓа во момент кога Интер Мајами е во резултатска криза: тимот не забележа победа на последните пет натпревари во сите натпреварувања, па една од првите задачи на Гонзалез ќе биде да ја прекине таа негативна серија.
Назначувањето ја продолжува „аргентинската традиција“ на клупата во Мајами — Меси претходно работеше со Тата Мартино и Хавиер Маскерано, а сега ќе добие уште еден сонародник како шеф на стручниот штаб.
Фото: Интер Мајами Х