Кипар предлага дигитално полнолетство од 15 години и ограничување на пристапот до социјалните мрежи
Владата предложи тристепен план: возраст за дигитално полнолетство, верификација на возраст и едукација за безбеден интернет.

Кипарската Влада го усвои Акцискиот план за заштита на малолетниците на социјалните мрежи, во кој предлог‑возрастта за пристап до тие платформи е 15 години, соопшти заменик‑министерот за истражување, иновации и дигитална политика Никодимос Дамиану по владината седница.
Акцискиот план се темели на три столба: воведување на "возраст за дигитално полнолетство", развој на дигитален механизам за верификација на возраста и едукација и подигнување на свеста кај децата, родителите и наставниците.
Техничко решение и рокови
Предлог‑законот наскоро ќе биде ставен на јавна консултација, а се очекува да биде доставен за гласање во Парламентот во декември годинава. Механизмот за проверка на возраста ќе се развие според моделот на техничкото решение предложено од Европската комисија (EU Age Verification Blueprint) и во текот на следната година ќе биде вклучен во владината апликација „Дигитален граѓанин“, преку која корисникот ќе може да докаже дека го исполнува старосниот услов без да споделува други лични податоци.
За едукацијата и подигнувањето на свеста е предвидено постепено преструктурирање на наставните програми на сите нивоа, воведување содржини за безбедно и креативно користење на интернетот, обуки за наставниците, како и насочени кампањи, информативни денови и работилници за учениците и родителите.
Дамиану, објаснувајќи ја итноста на мерките, истакна: „Социјалните мрежи активно ги користат 98 отсто од младите на Кипар, највисок процент во Европската Унија. Сепак, се забележуваат слаби резултати во клучните вештини за процена и евалуација на информациите“.
Тој додаде дека податоците на меѓународните организации покажуваат поврзаност помеѓу зголемената употреба на социјалните мрежи и карактеристики на зависничко однесување, занемарување на други активности, конфликти во семејството и други негативни последици во секојдневниот живот. Одлуката следи во период кога Европската Унија подготвува мерки за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за деца под 15 години.
Фото: Profimedia


