Кире Науновски прослави 46. роденден, сопругата и синовите му приредија изненадување
Сопругата Марија и децата го дочекаа пејачот со балони во облик на 46 и тематска торта.

Познатиот фолк-пејач Кире Науновски наполни 46 години, а по враќањето дома го дочекаа сопругата Марија и нивните два сина со изненадување во семејната атмосфера. Просторијата беше украсена со златни балони во облик на бројот 46, а на тематската роденденска торта стоеше натписот „Среќен роденден ѕвездичке“ и фигура со неговиот препознатлив лик.
Кире беше пресреќен и не ја криеше насмевката – делови од прославата ги сподели и со своите следбеници на социјалните мрежи, прикажувајќи ја топлината на семејниот дом и радоста од изненадувањето.
Семејството е приоритет
Кире и Марија се родители на два сина, а пејачот неодамна во емисијата „Кафе муабети“ зборуваше за приватниот живот, семејството и вредностите што ги негува.
Во емисијата тој појасни зошто домот му е најважен: „Според мене најважно од сè е семејството. Јас така сум воспитуван… Кога семејството ќе го оформиш, тука веќе се става крај, тоа е најважното нешто – децата и сопругата. Каде и да одиш, мораш дома да се вратиш. Јас кога ќе одам на работа, било каде да сум, прво нешто што сакам да направам е да се вратам дома и да си ги видам децата и сопругата. Едноставно, јас не би можел поинаку… Моите деца се моето хоби“, изјави Кире во емисијата.
Тој додаде и дека материјалните работи не носат секоја среќа: „Значи не е сè во парите. Или барем јас така го имам сфатено животот – парите се потребни, но не се најважни. Има некои работи кои не се купуваат со пари. Токму затоа, моите деца прво ги воспитувам да бидат луѓе, да бидат културни, со еден збор да бидат луѓе. Тоа ми е најважно“, порача пејачот, нагласувајќи дека најголемата награда му е семејното огниште што го создадоа тој и Марија.
Фото: прес-материјал од настанот


