Клековски очекува реализација до крајот на годината на проекти за болниците во Тетово, Штип и Кичево
Министерот најави дека владината спогодба со Светска банка и ЕИБ за заем од 195 милиони евра треба да биде склучена до крајот на годината.

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека Министерството за здравство заедно со Светска банка и Европската инвестициска банка работат на обезбедување заем од 195 милиони евра за завршување на инвестициите во Клиничката болница – Тетово, Клиничката болница – Штип и Општата болница Кичево. Според него, Владата треба да го склучи аранжманот до крајот на годината, што ќе овозможи започнување на реализацијата на трите проекти.
Изјавата ја даде на собраниска седница при одговарањето на пратеничкото прашање од Рина Ајдари од Европски фронт, која кажа дека има блокада на инвестициите во Клиничката болница – Тетово. Клековски додаде дека е решен и долгогодишниот проблем со договорите на дело во таа институција и нивната трансформација во редовни вработувања.
Посети и подготовка на инфраструктура
„Јас лично заедно со мисијата на Светска банка и Европската инвестициска банка бев во Клиничката болница - Тетово на крајот на јули оваа година. Пред 10 дена ја имавме втората мисија и се надевам дека до крајот на годината Владата ќе го има склучено аранжманот со Светска банка и Европската инвестициска банка, што ќе треба да овозможи да се започне со спроведување на овие три долгоочекувани проекти од наша страна. Во тоа соработуваме и со раководството на Клиничката болница - Тетово и со раководството на Општина Тетово, рече Клековски.
Во врска со скринингот за рак на дојка во Полошкиот регион, тој се повика на податоците од ревизијата на Државниот завод за ревизија за периодот 2021–2024 година. Министерот посочи раст на бројот на мамографии во 2024 година во однос на 2021 — 17.000 мамографии во 2024 спрема 651 мамографија во 2021 — но истакна дека ревизијата покажува дека националниот опфат останува низок.
„Извештајот, кој е одличен извештај на Државниот завод за ревизија, констатира дека ние во основа немаме скрининг програми, односно со опфатот од 5 до 15 отсто сме далеку од европските стандарди од 70 отсто опфат, а од оваа година треба да биде 80 отсто. Она што Министерството за здравство го прави е прво да се реши инфраструктурата неопходна за мамографии. Значи првиот чекор ни беше да обезбедиме опрема за дигитални мамографии во сите поголеми центри, рече Клековски.
Клековски додаде дека министерството прави евалуација и реобмислување на скрининг‑програмите и дека утре ќе учествува на работилница со претставници од здружението на пациенти Хема‑Онко и со стручни лица од странство, вклучувајќи ја и директорката за националните скрининг програми од Словенија, на која ќе се разговара како да се направат програмите поефикасни.
Во однос на промоцијата на превенцијата и раното откривање, Клековски рече дека дошол од настан во Клиничката болница - Штип каде се промовираше мултидисциплинарен тим на ренгенолози, онколози и хирурзи со цел скратување на патот на пациентите до третман. „Денеска доаѓам од еден настан за промоција на превенција и рано откривање на ракот на дојка, во Клиничката болница - Штип. Промовиравме мултидисциплинарен тим кој се состои од ренгенолози, онколози и хирурзи, чија задача ќе биде да го скратат патот на потенцијално болните до третман. Исто така ќе бидат направени 180 вонредни мамографии во викенди за да се надомести листата на чекање, додаде Клековски.“ Тој најави и писмен одговор за состојбата со мамографијата во Клиничката болница - Тетово.
Фото: прес-материјал од настанот


