Коалицијата „Менуваме“: Невидливи пречки на секој чекор за слепите лица во Скопје
По повод 15 октомври, Меѓународниот ден на белиот стап, Коалицијата повикува на ревизија на тротоарите, отстранување пречки и јасна институционална одговорност.

По повод 15 октомври 2026 — Меѓународниот ден на белиот стап, Коалицијата „Менуваме“ предупреди дека слепите лица и лицата со оштетен вид во Скопје секојдневно се соочуваат со невидливи бариери кои ја загрозуваат нивната безбедност и самостојност.
Пристапноста како прашање на човекови права
За многумина достапноста до работа, лекар или автобуска постојка е рутина, но за лицата што не се служат со видот патот низ градот често е исполнет со пречки: паркирани возила на тротоари, рекламни табли, градежен материјал, прекинати или неправилно поставени тактилни патеки, нефункционални звучни сигнали и недостапни информации на автобуските постојки.
Од Коалицијата велат дека тие пречки се повеќе од непријатност. "Кога пешачка патека е блокирана, кога тактилното водење завршува пред пречка или кога на автобуска постојка нема достапни информации за пристигнување на возилата, последиците не се сведуваат само на непријатност. Таквите ситуации можат да создадат ризик за безбедноста, да ја зголемат зависноста од туѓа помош и да ги ограничат секојдневните активности", порачуваат од „Менуваме“.
Коалицијата нагласува: „Проблемот не е белиот стап.“ Белиот стап е алатка за ориентација, мобилност и самостојност, а проблемот е урбаната средина која не обезбедува услови за безбедно и независно движење.
Како правна рамка за унапредување на пристапноста Коалицијата посочува на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, особено член 9 (еденков пристап до физичката средина, транспортот, информациите и комуникациите), член 20 (мерки за обезбедување што е можно поголема независност) и член 2 (концептот на универзален дизајн). Пристапноста, според „Менуваме“, треба да биде составен дел од планирањето, проектирањето, изградбата, реконструкцијата и одржувањето, а не дополнителен трошок по изградбата.
Меѓу предложените мерки Коалицијата ги наведува:
- ревизија на пристапноста на пешачките маршрути, тротоарите, пешачките премини, автобуските постојки и јавните објекти;
- отстранување на пречките од пешачките површини и обезбедување безбедни привремени патеки околу градилиштата;
- проверка и редовно одржување на звучните сообраќајни сигнали;
- подобрување на пристапноста на јавниот превоз преку звучни известувања и достапни информации за патниците;
- консултации со лицата со попреченост при донесување одлуки;
- јавно објавување на планови, буџети, рокови и мерливи показатели за спроведените активности.
Коалицијата апелира и до институциите — Град Скопје, општините, јавните претпријатија, инспекциските служби, Министерството за транспорт и Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ — за јасно утврдени одговорности, подобра координација, редовни теренски проверки и транспарентно објавување на проверливи податоци за отстранетите бариери и функционалноста на звучните сигнали.
„Слепите лица и лицата со оштетен вид не бараат сожалување. Тие бараат почитување на нивните права, еднакви можности и услови за независен живот“, порачуваат од Коалицијата, потсетувајќи дека правото на слободно движење е поврзано со пристап до образование, работа, здравствена заштита, култура и учество во јавниот живот.
Фото: прес-материјал од настанот


