Кобила се ождребила на булевар „Илинден“ — мајката и младенчето згрижени во Зоолошката градина
Жителка го извлече младенчето од коловозот; градоначалникот информира дека животните се во карантин и повикува на итна акција.

Утрово на булевар „Илинден“, во близина на населбата Карпош 4 во Скопје, граѓанка забележа кобила што штотуку се ождребила и малечко ждребе кое лежело на асфалтот; во близина бил присутен и уште еден коњ. Жената го извлече младенчето на најблиската трева за да го тргне од коловозот.
Во објава на социјална мрежа таа го опиша наодот и својата реакција, напишувајќи: "Неверојатно луѓе или поточно да кажам ‘нелуѓе’. Се враќам утринава по Илинденска и таму при крајот на сред улица штотуку породена кобила со роденчето ждребе и уште еден коњ. На сред улица лежи малото со плацентата, никој да застане да помогне. Застанав, едвај го извлеков на тревата покрај патот. А, бре идиотине подзадстануваа и со мобилните снимаат никој да застане да ми помогне!!!!. Едвај го извлеков од сред пат. Ете толку гревои сме во душите, гревои"
Животните згрижени, градот повикува на акција
Сè уште не е познато кому припаѓаат кобилата и коњот и како завршиле на скопските улици. Веднаш по објавата, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека кобилата и живото ждребе се преземени и сместени во скопската Зоолошка градина.
"Кобилата и ждребето се преземени и сместени на безбедно, во карантин, каде што ќе ја добијат потребната нега и стручен третман. Но, со нивното згрижување не завршува обврската", напиша Ѓорѓиевски и повика на заедничка координирана интервенција од надлежните служби.
Тој ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и ветеринарство итно да пристапат кон заедничка, координирана акција, секој во рамките на своите надлежности. "Потребни се конкретни мерки, како заштита и соодветно згрижување на животните, одговорност за нивната експлоатација и злоупотреба. Иако не сме надлежни, Град Скопје го ставам на располагање со сите расположливи капацитети за да помогнеме во оваа акција. Очекувам итен одговор и конкретно постапување. Доколку тоа изостане, ќе ја преземеме иницијативата и ќе ги искористиме сите механизми во рамките на нашите надлежности", додава градоначалникот.
Ѓорѓиевски исто така прецизира дека не смееме да се навикнеме на сликите на напуштени и есклоатирани животни по скопските улици.
Фото: Фејсбук-профил на Орце Ѓорѓиевски


