Колку вреди македонската плата во услови на сè поголема инфлација?
Власта го потенцира растот на платите и намалената инфлација (2,3% во јули), додека граѓаните и опозицијата укажуваат на зголемени трошоци, зголемување на кредитите и предлог за минимална плата од 600 €.

Жешка дебата за економската состојба и вредноста на платите се води на домашната политичка сцена, додека растот на трошоците и инфлацијата го притискаат семејниот буџет.
Премиерот Мицкоски ја спореди својата Влада со претходната администрација и истакна дека платите растат, пензиите се повисоки и економијата бележи раст. Тој го посочи намалувањето на инфлацијата во јули на 2,3 % како еден од показателите.
Од друга страна, податоците на Народната банка покажуваат дека кредитите растат побрзо од депозитите: вкупните кредити на месечно ниво се зголемиле за 0,8%, а на годишно ниво за 13,3%.
Реално чувство на граѓаните
„Две минимални плати не се доволни за да се протурка месецот“, се жалат граѓаните, додавајќи дека зголемените трошоци ги порамнуваат придобивките од растот на платите.
Од СДСМ пак веќе најавија дека повторно ќе го поднесат во Собранието предлог-законот за 600 евра минимална плата. Филипче посочи дека и покрај фалењето на премиерот Мицкоски со наводни економски успеси и раст на платите, граѓаните реално не ги чувствуваат тие бројки, туку се соочуваат со растечки трошоци и сè потешко ги покриваат основните потреби.
Претходни податоци исто така укажуваат дека месечната просечна плата е намалена за 1.100 денари, што дополнително ја засилува дебатата за реалната куповна моќ на работниците.
Фото: прес-материјал од настанот