Почетна
Македонија

Комисија: Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дискриминирал скопјанка со блокирање на Фејсбук

Комисијата нареди повторно да ѝ се овозможи пристап најдоцна 30 дена по приемот на Мислењето.

·Македонија
Комисија: Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дискриминирал скопјанка со блокирање на Фејсбук

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, дискриминирал жителка откако ја блокирал на својата официјална фејсбук-страница поради прашање за депонија во нејзината населба.

Жителката објавила фотографија од депонијата пред нејзината зграда и поставила прашање: „Дали е можно и тој дел да биде опфатен со акцијата за чистење, со оглед на тоа што подолг временски период нема соодветно решение од надлежната Oпштина?“. Според пријавата, Ѓорѓиевски ја блокирал две-три минути по поставувањето на коментарот.

Случајот се случил на 8 мај 2026, а подносителката го пријавила случајот во Комисијата на 11 мај. Откако Комисијата побарала одговор од градоначалникот, а тој го игнорирал барањето, телото утврдило дека станува збор за директна дискриминација врз основа на друго уверување во областа на јавно информирање и медиуми.

Комисијата: Коментарот е од јавен интерес и е дел од слободата на изразување

Во претставката подносителката навела дека нејзиниот коментар нема навредлива содржина или говор на омраза, туку е насочен кон искажување на еколошки проблем кој го игнорирал нејзиниот општински градоначалник. Таа се пожалила дека од блокирањето на официјалната страница ѝ е оневозможено да следи информации и активности поврзани со градоначалникот.

Целосниот текст на нејзиниот коментар беше: „Иницијативата за чистење е прекрасна. Гледам дека пишува оти ќе се опфатат повеќе општини. Се надевам дека ќе се опфати и нашата. Имаме долгорочен проблем со ѓубрето во населба… кој е пријавен неколку пати, но градоначалникот нема слух за него. Во прилог има слики за денешната состојба. Како да го решиме овој проблем? Дали може инспекцијата почесто да проверува во оваа населба бидејќи луѓето кои се вселуваат постојано оставаат кабаст отпад на тротоарите? Исто така, ако отпадот е веќе таму, верувам дека треба да е тргнат од службите. Каде треба да се пријавуваат ваквите проблеми освен во Општината?“

Комисијата оцени дека коментарот е од јавен интерес и спаѓа во рамките на слободата на изразување. „Носителите на јавни функции при користење на официјалните комуникациски канали имаат обврска да ги почитуваат начелата на еднаквост, транспарентност, отчетност и недискриминација“, утврди КЗСД, додавајќи дека јавните функции можат да спречат злоупотреби, но не смеат да дискриминираат лица поради различен став и мислење.

Комисијата му препорача на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски веднаш да ѝ го овозможи повторниот пристап до неговата фејсбук-страница, најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на Мислењето, и да ја извести Комисијата за тоа; во спротивно ќе следува пријава до надлежен суд.

Комисијата потсети дека во март 2026 година донела слично мислење кога утврди дискриминација по основ на политичко убедување откако Општина Тетово го блокирала архитектот Бошко Видоески на својата официјална фејсбук-страница за критички коментар.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи