Комисијата: нема лекарска грешка кај родилката од Струмица по царскиот рез
Петчлена комисија утврди дека невролошката последица не е поврзана со спиналната анестезија, можно крвавење во рбетниот мозок

Стручна петчлена лекарска комисија утврди дека нема лекарска грешка во случајот со 19-годишната родилка од Струмица која по породувањето со царски рез остана неподвижна. Комисијата заклучи дека невролошката последица не е последица од спиналната анестезија.
Наодите на комисијата и можната причина
„Според наодите од комсијата грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница во Штип, породувањето со царскиот рез, анестезијата и следењето по операцијата се спроведени според важечките протоколи. Спиналната анестезија е дадена во лумбалниот, односно долниот дел на рбетот со стандарден лек“ - Сашо Клековски, министер за здравство.
Петчлената комисија констатирала дека нема поврзаност меѓу анестезијата и невролошката последица. Како можно објаснување, експертите го наведуваат крвавењето од крвните садови во рбетниот мозок.
„Постои сомневање за нарушено оформување на крвни садови кои прокрвареле, по случајот инцидентно и сосема неповрзано со анестезијата и царскиот рез. Нештото се случува шестиот ден по актот на породувањето. Доколку би настанало ненамерно медицинско оштетување на рбетниот мозок тоа би требало да се манифестира веднаш по аплицирањето на анестезијата, а не дури недела дена подоцна“, рече Миќун Миќуновиќ, неврохирургија.
Станка Михајлова, 19-годишна од с. Баница кај Струмица, по царскиот рез во Клиничката болница во Штип заврши во инвалидска количка. Неговиот свекор ги обвини медицинските лица за грешка и побара помош од министерот за здравство.
По пријавата, министерот Клековски издаде налог за вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што пациентката била лекувана, по што следуваше формирањето и работењето на комисијата.
Напишала: Тамара Марковска.
Фото: прес-материјал од настанот


