Почетна
Политика

Комисијата предложи Емилија Алексовска и Џоко Диков за место во Судскиот совет

Комисијата гласаше 7–0 за двата предлози, но само еден ќе биде избран на пленарна седница.

·Политика
Комисијата предложи Емилија Алексовска и Џоко Диков за место во Судскиот совет

Комисијата за избори и именување денес ги предложи за член на Судскиот совет адвокатите Емилија Алексовска и Џоко Диков. Со седум гласови „за“ и без ниту еден против, двојцата беа изгласани како предлози; на пленарна седница ќе биде избран само еден од нив.

Бодување, активности на социјални мрежи и прашања за непристрасност

Двајцата кандидати во пријавите навеле дека не се политички активни, но членови на комисијата забележуваат активности на социјалните мрежи блиски до владеачката ВМРО‑ДПМНЕ. Прворангираната кандидатка беше посочена и поради јавни пофалби на "премиерот на Икс" во коментари на интернет.

Како единствена писмена реакција пристигна известување од Ивана Петковска, која учествуваше како претставник на невладиниот сектор при бодувањето. „Од вчерашното интервју со кандидатите за член на Судскиот совет, впечаток е дека двајцата кандидати, а особено кандидатката, која има повисоки бодови на ранг листата, не понуди доволно конкретни и аргументирани одговори со кои би ја потврдила својата подготвеност за да биде член на Судскиот совет. Кандидатката на повеќето прашања одговараше делумно или ги избегнуваше суштинските аспекти, особено во однос на нејзините јавни коментари на објави на политички функционери и прашањата за нејзиниот интегритет“, изјави Ивана Петковска, член на комисија за селекција.

Според бодувањето, Емилија Алексовска е само пет просечни бодови пред Џоко Диков. Пратеникот на ВМРО‑ДПМНЕ и претседател на изборната комисија, Александар Вељановски, ѝ дал 100 од 100 бодови. Судијката Сања Лазова Стојанова од скопскиот Кривичен суд ѝ доделила само пет помалку, а пратеничката на Вреди, Ваљбона Адили Емини, ѝ дала 90. Половина од тие бодови од истите членови ги добил второрангираниот кандидат Диков.

Ова е четврти обид за пополнување на испразнетото место во Судскиот совет. Пропаднаа три огласи — во еден беше предложен полициски инспектор, во друг кандидатот скри дека е разрешен судија, а третпат Собранието, наместо да избира член, распиша нов оглас. Со измените во законот изборот е јавен и, освен пратеници, гласат и претставници на здруженија на граѓани. Советот ја контролира работата на судиите во земјата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи