Комората на вештаци прослави две години и издаде 1.072 трајни лиценци
Виктор Камнар во Гевгелија ги претстави резултатите, новиот тарифник и вестите поврзани со Законот за парнична постапка што стапува на сила на 1 јануари 2027.

На свечена седница во Гевгелија, претседателот на Комората на вештаци Виктор Камнар направи рекапитулација на двегодишното работење и ги презентираше активностите што следуваат.
Резултати по две години: седиште, обуки и нови членови
Камнар во своето обраќање рече дека Комората премина од почетни напори кон самостојно функционирање. „Летото 2024 година мал број ентузијасти се обидовме да смислиме имплементација на Законот за вештачење кој не се применуваше иако беше донесен повеќе од една година, со придонес од секој еден од нас. Најголем дел од лиценците на постојните вештаци беа истечени, а не постоеше законска можност за нивно продолжување. Сето ова денес, по две години е надминато и имаме потполно поинаква состојба во областа на вештачењето“, изјави Камнар.
Според него, Комората успеала да обезбеди простории за седиште, во рок од еден месец да ги донесе сите акти предвидени со закон и да одржи четири почетни обуки за кандидати за вештаци со преку 750 слушатели. Камнар посочи дека Комората се здоби со вкупно 1072 нови членови вештаци со трајна лиценца за вештачење и дека учествувала во изработката на нов предлог‑Закон за вештачење поради укажувањата за неприменливост на одредби од постојаниот закон.
Тој нагласи дека сето тоа е остварено со ограничени ресурси: „целата двегодишна активност Комората ја извршува беспрекорно, со само еден вработен и еден надворешен соработник.“ Камнар упати благодарност до претставниците на лекарите, инжинерите, архитектите, економистите и министрите во Владата за поддршката и довербата.
Заменик‑министерот за правда Ален Деребан зборуваше за донесениот нов тарифник за работа на вештаците и подвлече: „Со него се зајакнуваат критериумите за утврдување на цените на вештачењето, се воспоставуваат појасни и потранспарентни правила. Особено важно е што граѓаните ќе добијат поголема предвидливост и еднаш ќе знаат колку трошоци ќе имаат за изработка на едно конкретно вештачење. Тоа значи поголема транспарентност, правна сигурност и еднаков пристап кон утврдување на надоместоците. Со тоа ќе се зајакне ефикасноста на правосудството и ќе се намали товарот на трошоците што ги трпат граѓаните како странки во тие постапки“, рече Деребан.
На седницата беше соопштено и дека новиот Закон за парничната постапка ќе почне да се применува од 1 јануари 2027 година. Вицепремиерот Александар Николоски се обрати и доби благодарница од Комората. Благодарници им беа доделени и на заменик‑министерот Деребан, судијките Тања Милева и Софија Миленкова, на претставник од Судскиот совет и на претседателот на Управниот суд, Субхи Јакупи.
Фото: прес-материјал од настанот


