Почетна
Македонија

Компаниите ги доставија барањата до РКЕ — каква ќе биде цената на струја од 1 јануари

ЕСМ бара зголемување од 53% за дистрибуција до компаниите во кругот на Железара, а МЕПСО ќе ги достави пресметките утре.

·Македонија
Компаниите ги доставија барањата до РКЕ — каква ќе биде цената на струја од 1 јануари

Започнуваат пресметките за новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, откако неколку енергетски компании ги доставија своите барања до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

До рокот од 30 септември пресметките ги поднесоа МЕМО, Електродистрибуција и ЕСМ — Подружница Енергетика. Во дел од доставените документи стои какви корекции се побарани: ЕСМ — Енергетика, која ја врши дистрибуцијата на струја до компаниите во кругот на Железара, бара речиси 53 отсто зголемување на цената на услугата — од 0,4 на 0,6 денари за киловат час.

Од МЕМО велат дека не побарале корекција. Во пресметката на Електродистрибуција не е наведена конечна цена за дистрибуцијата, бидејќи компанијата сè уште не ја завршила постапката за набавка на струјата за покривање на загубите. Единствено МЕПСО не доставил барање и најави дека ќе ги испорача пресметките утре.

"-Имајќи предвид дека новиот Правилник е донесен само еден ден пред истекот на рокот за доставување на Барањето, а со него се воведени дополнителни барања за податоци и аналитички приказ на приходите и трошоците во регулираниот период, беше потребно дополнително време за обработка, усогласување и проверка на податоците. МЕПСО ќе ги финализира и достави Барањето до РКЕ во текот на утрешниот ден," велат од МЕПСО.

Што ќе плаќаат домаќинствата од 1 јануари зависи најмногу од цената што ќе ја достави ЕСМ за произведената електрична енергија. Во моментов таа цена е 65 евра за мегават час, а нова понуда треба да се достави до крајот на ноември. Премиерот Мицкоски неколкупати изјави дека се работи напор да се задржи иста, па дури и да се намали цената.

Паралелно до РКЕ пристигна и барање од компанијата НОМАГАС за повисока цена за пренос на гас од 37 проценти, поради зголемени инвестиции. На меѓународните берзи цените растат: струјата надмина 200 евра за мегават час, а гасот се искачи до 86 евра за мегават час — највисоко ниво од декември 2022 година. Тие движења ќе влијаат врз идните домашни тарифи.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи