Почетна
Македонија

Контејнери и отпад пред градинките и училиштата во Тетово – наставниците бараат да се дислоцираат или отпадот редовно да се собира

Групирањето на повеќе контејнери и нередовното празнење создаваат хигиенски проблеми пред образовните установи.

·Македонија
Контејнери и отпад пред градинките и училиштата во Тетово – наставниците бараат да се дислоцираат или отпадот редовно да се собира

Наставниците и раководствата на неколку училишта и градинки во Тетово алармираат дека контејнерите за домаќински отпад, кои често се групирани по повеќе од пет на едно место, се сместени директно пред образовните установи и создаваат проблеми за хигиената и безбедноста на децата.

Практиката да се собираат контејнери на поранешни или нови точки, наместо да се распоредат поблиску до домовите, доведе до тоа големи депонии да се најдат до училишните дворови, велат наставниците.

„За нашево училиште претставува исто голем проблем и тоа што нередовно се празнат контејнерите“ рече Миле Ѓорѓески-од Музичко училиште, посочувајќи дека преполните контејнери и расфрланиот отпад честопати завршуваат на школското земјиште.

Дали се прават доволно напори за собирање?

Од компанијата Саубермахер Тетово, што е задолжена за празнење на контејнерите и транспорт до регионалната депонија, велат дека тимовите прават напори и по неколку пати дневно да го соберат оставениот смет.

„Од јануари до септември оваа година нашите тимови собраа и транспортираа повеќе од 25.000 тони комунален отпад, како и речиси 2900 тони кабаст отпад. Нашите возила во овој период поминаа околу 225 илјади километри. Овие бројки го покажуваат обемот на секојдневното работење потребно за да се обезбеди редовно собирање на отпадот на целата територија на Општина Тетово“, рече Вулнет Села, Саубермахер Тетово.

Друг проблем е несовесноста на дел од граѓаните кои оставаат кабаст отпад — градежен шут, мебел и пластика до контејнерите или директно на земја — што доведува до формирање мини депонии. ЈКП Тетово апелира до граѓаните да ја користат услугата за бесплатно подигање кабаст отпад од дома, при што екипата доаѓа до секоја врата и го подига отпадот.

„Екипата иде до секоја врата, и му го зема кабаститот отпад и тоа не се плаќа. Тоа го праевме за да го имаме почист град и да имаат солуција кај може да го фрлат кабастиот отпад“, Самет Бислими – ЈКП Тетово. Дел од градинките и училиштата веќе побарале контејнерите да се преместат подалеку или да се зголеми фреквенцијата на празнење.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи