Костадиновски: Не смеат да постојат „чувствителни“ предмети – одлучувањето е уставна обврска
На регионалната конференција претседателот рече дека Судот одлучува и дека од март ги пренесува седниците во живо; 239 предмети заклучно со минатиот месец.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во воведното обраќање на регионалната конференција „Како да се зголеми довербата во уставните судови“ нагласи дека во уставното судство не смеат да постојат „чувствителни“, „помалку чувствителни“ или „премногу чувствителни“ предмети – туку постои единствено уставна обврска Судот да одлучува.
Костадиновски предупреди дека неодлучувањето никогаш не е неутрално, бидејќи ја дозволува постојната состојба да продолжи да произведува правни последици. „А кога таквата состојба е противречна и создава контроверзии, Уставниот суд, со своето неодлучување, толерира состојба на потенцијална неуставност и на тој начин станува соучесник во т.н. мека ревизија на Уставот“, рече тој.
Тој оцени дека таквиот пристап не ја гради довербата во институцијата, туку создава впечаток дека постојат предмети за кои Судот нема подготвеност да ја преземе својата уставна одговорност. Додаде дека обврската за одлучување донела критики, притисоци и обиди за влијание, но дека во последните месеци станало јасно дека политичките чинители и државните органи повеќе не можат да сметаат на комодитетот што со години постоел околу одредени прашања.
Примерот „Балансерот“
За пример го посочи предметот за „Балансерот“, со кој, според него, Уставниот суд покажал дека повеќе нема недопирливи предмети. „Покажа храброст и одлучност и не се двоумеше да донесе одлука со која испрати јасна порака до сите носители на државната власт: комодитетот, комфорот што со децении го уживавте, повеќе го немате“, додаде Костадиновски.
Костадиновски рече дека нервозата кај политичарите и државните органи поради одлуките на Уставниот суд најчесто значела дека Судот ја вршел својата уставна функција независно и без компромиси. Тој посочи дека главниот фокус на конференцијата е зајакнување на независноста, транспарентноста и отвореноста кон јавноста, и го истакна она што Судот веќе го прави во тој правец: од март оваа година седниците на Уставниот суд се пренесуваат во живо, а судиите редовно ја информираат јавноста по секоја седница за да одлуките бидат целосно разбирливи за граѓаните.
Со оформени вкупно 239 предмети заклучно со минатиот месец, Костадиновски рече дека Судот бележи рекордна бројка во споредба со претходните години, што го толкува како показател за зголемена доверба од јавноста. Тој наведе и оценките од Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2026 година, според кои Судот продолжил да ги унапредува своите капацитети за заштита на уставноста и законитоста. „Најсигурниот показател дека Уставниот суд навистина ја исполнува својата уставна улога не се аплаузите што ќе ги добие, туку моментот кога носителите на политичката моќ ќе сфатат дека повеќе не можат да сметаат на институционален комодитет и дека единствената граница на нивното постапување е Уставот“, додаде тој.
Фото: прес-материјал од настанот


