Почетна
Спорт

Кожув тргнува со подмладен тим и цел за место меѓу првите четири

Гевгеличани влегуваат во новата сезона со седум домашни, три странски играчи и минатогодишниот МВП Тери Амстронг.

·Спорт
Кожув тргнува со подмладен тим и цел за место меѓу првите четири

Кошаркарскиот клуб Кожув на прес-конференција на 29.09.2026 година го претстави новиот, подмладен состав и јасната цел — чекор напред на табелата и борба за место меѓу првите четири во македонската Суперлига.

Состав и очекувања

Во тимот седум од 12-те кошаркари се од Гевгелија, а составот го комплетираат тројца странски играчи. Во екипата останува и минатогодишниот МВП на Суперлигата, Тери Амстронг.

Стручниот штаб предводен од Мишо Тодоровиќ најави борбен и дисциплиниран пристап, додека капитенот Илија Колев ги повика навивачите и „Фантоми“ да го поддржат тимот во новата сезона.

„Последните две години завршивме на 5-то место во Суперлигата. Оваа сезона, чекор по чекор, целиме да бидеме меѓу првите четири екипи. Очекуваме едно од најнеизвесните првенства досега, со оглед на силата на ростерите кај сите клубови“, истакна претседателот на клубот, Зафир Чучанов.

Мишо Тодоровиќ го нагласи значењето на традицијата и амбицијата на клубот: „Кожув е клуб со традиција, клуб кој играл финале во Суперлигата и финале во Купот. Тоа е бренд кој опстои долги години на кошаркарската мапа. Наша цел е да дадеме максимум и да се бориме за секој натпревар, за секоја топка и за секоја минута, за да извадиме што е можно подобар резултат“.

Клубот посебно стави акцент на младинската академија — за првпат ќе настапуваат четири генерации во младинските лиги, како дел од долгорочниот план за развој и промоција на домашни играчи од Гевгелија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи