Крај на скролањето за децата: Франција стана првата земја во Европа што целосно им ги забрани социјалните мрежи на помладите од 15 години
Од септември нема нови профили, од јануари 2027 се гаснат и постојните — а сите корисници ќе мора да ја докажат својата возраст.

Франција во вторникот влезе во историјата како прва земја во Европската Унија што воведе целосна забрана на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години. Двата дома на францускиот парламент го изгласаа конечниот текст на законот со убедливо мнозинство — Сенатот со 243 гласа „за“ и само 2 „против“, а Националното собрание со 279 наспроти 81 глас.
Забраната ќе се спроведува во две фази. Од 1 септември годинава, децата под 15 години нема да можат да отвораат нови профили на социјалните мрежи. Од јануари 2027 година, забраната ќе се прошири и на сите постојни профили — платформите ќе мора да ги суспендираат или избришат сметките на корисниците под возрасната граница.
Товарот на спроведувањето паѓа директно врз технолошките гиганти, кои ќе мора да воведат алатки за верификација на возраста за сите корисници. „Четири месеци сите ние во Франција ќе мора да ја докажуваме својата возраст. Ако некој има под 15 години, профилот ќе биде затворен“, објасни министерката за дигитални прашања Ан Ле Енанф, која дан пред гласањето напиша дека Франција станува „првата земја во Европа што воведува дигитална возрасна граница за подобра заштита на нашите деца на интернет“.
Претседателот Емануел Макрон, чија иницијатива е законот, триумфално порача: „Франција го предводи патот во Европа во заштитата на нашите деца и нашите тинејџери. Ќе продолжиме понатаму.“
Загриженоста на властите не е без основа. Според францускиот здравствен надзорен орган, секој втор тинејџер во земјата поминува меѓу два и пет часа дневно на паметен телефон, 90 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години секојдневно користат телефон за пристап до интернет, а 58 отсто — токму за социјалните мрежи.
Законот вклучува и забрана за користење мобилни телефони во средните училишта, додека образовните платформи и онлајн енциклопедиите се изземени од забраната. Родителските здруженија го поздравија законот: „Немаме друга опција, друг начин да им се спротивставиме на технолошките гиганти. Единственото што можеме е да ги заштитиме нашите деца, исто како што ги штитиме од алкохолот“, изјави активистката Гаел Бербонд.
Сепак, експертите предупредуваат дека спроведувањето нема да биде едноставно. Од организацијата за заштита на децата „е-Анфанс“ посочуваат дека останува отворено прашањето како ќе се идентификуваат и суспендираат постојните профили на малолетниците. Франција со овој чекор се приклучува на Австралија, која минатата година воведе слична забрана за помладите од 16 години — а Брисел внимателно следи дали францускиот модел ќе стане европски стандард.