Кравите од Крива Паланка ќе бидат сместени во Идризово и во Прилеп
Акцискиот план предвидува привремено сместување во казнено-поправните домови, мапирање на локации и можни отстапувања кон сточари.

Во акцискиот план усвоен на минатата седница на Владата се предвидува одземениот добиток од подрачјето на Општина Крива Паланка во почетната фаза да биде сместен во Казнено-поправните домови Идризово и Прилеп. Оперативната реализација започна денеска (27 ноември 2026), а на состанокот на Координативниот штаб се утврдени конкретни активности и задолженија на институциите вклучени во процесот.
Прием, мапирање и можни отстапувања
Во почетната фаза животните ќе бидат примопредадени на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп. Следен чекор е мапирање на локациите каде што се наоѓа добитокот за да се утврдат бројноста, распространетоста и пристапноста на теренот.
Во текот на процесот, и во согласност со законските прописи, разгледана е и можноста дел од добитокот да биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.
„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Во реализацијата на Акцискиот план се вклучени седум државни институции: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство; Министерството за внатрешни работи; Агенцијата за храна и ветеринарство; Агенцијата за управување со одземен имот; Дирекцијата за заштита и спасување; Центарот за управување со кризи; и Бирото за процена.
Властите посочуваат дека итните мерки имаат за цел заштита на граѓаните, имотот и земјоделското производство додека траат координираните институционални активности и понатамошните законски постапки.
Фото: прес-материјал од настанот


