Почетна
Македонија

Крива Паланка поднесе кривични пријави за неспроведени решенија за одземање добиток

Градоначалникот Сашко Митовски вели дека обвинителството, комисијата за корупција и инспекторатот треба да проверат зошто државните агенции не ги спроведоа решенијата.

·Македонија
Крива Паланка поднесе кривични пријави за неспроведени решенија за одземање добиток

Општина Крива Паланка денес поднесува неколку кривични пријави до надлежното јавно обвинителство поради непостапување по извршните решенија за одземање на добитокот, соопшти градоначалникот Сашко Митовски пред Основниот суд во Крива Паланка.

Општината бара проверка од обвинителството и инспекцијата

Со пријавите се бара обвинителството да го испита постапувањето на службените лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Агенцијата за управување со одземен имот, како и да се утврди кој бил должен да постапи по решенијата и дали се работи за злоупотреба на службената положба.

Општината исто така бара да се испита дали со пропустите биле загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните. Дополнително е поднесена претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата со барање да се испитаат евентуални елементи на корупција во овој случај.

До Државниот управен инспекторат е поднесено барање за вонреден инспекциски надзор за да се утврди кои дејства биле преземени по донесувањето на решенијата, каде запрела постапката и кој е одговорен за евентуалните пропусти.

Митовски истакна дека стадата и понатаму влегуваат во нивите и се движат по патиштата и дека деновиве добиток беше забележан и во двор на средното училиште во Крива Паланка. „Трпението на граѓаните е при крај. На седницата на Општинскиот кризен штаб побаравме конкретен план и рок. Сè уште не знаеме кога Агенцијата ќе почне да ги спроведува сопствените решенија. Побарав и да ми ја дадат потребната надлежност за да можам како градоначалник да преземам одговорност за решавање на проблемот. До денес немам одговор ни на тоа барање“, изјави Митовски.

„Ги повикувам сите наши сограѓани, од градот и од селата, да застанеме покрај семејствата што предолго ја носат оваа мака. Мирно и достоинствено, заедно да побараме да се спроведат решенијата и да се стават стадата под контрола. Да ставиме крај на ова понижување за кое ни се смее светот“, порача Митовски

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи