Почетна
Македонија

Кривична пријава за петмина и две фирми за перење пари и уништување деловни книги при продажба на пруги

Пријава ги опишува авансните уплати од 283.310 евра, фиктивни фактури и трансфери од 16.762.410 денари кои ги прикриле траговите.

·Македонија
Кривична пријава за петмина и две фирми за перење пари и уништување деловни книги при продажба на пруги

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против пет физички лица и две правни лица за постоење основи на сомнение за сторени кривични дела: "Перење пари и други приноси од казниво дело" (член 273), "Измама" (член 247), "Фалсификување или уништување деловни книги" (член 280) и "Даночно затајување" (член 279) од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Сомнеж за измама при купопродажба на железнички пруги

Во пријавата се наведува дека првопријавениот Д.К., како сопственик на правен субјект од Скопје, во текот на 2022 година во име на правното лице склучил договор за купопродажба со правен субјект од Република Словенија за железнички пруги во вредност од 21.667.680 денари. По добиените авансни уплати од 283.310 евра, односно 17.423.564 денари, договорената стока не била испорачана, ниту средствата биле вратени, со што на оштетениот била причинета штета во наведениот износ.

Со цел да се прикрие изворот и локацијата на паричните средства кои потекнуваат од кривичното дело, пријавениот Д.К., заедно со пријавениот Ф.Н., како управител и овластен потписник на сметката на пријавеното правно лице, потпишале налог за трансфер на 16.762.410 денари од сметката на правното лице во корист на правно лице од Штип за плаќање на фиктивна фактура за наводна набавка на пилешки нози. Потоа, преку фиктивен договор за цесија, средствата биле префрлени на сметката на Х.Р.

Пријавената Ф.М., како овластен сметководител, не ја евидентирала Х.Р. како нов доверител и дополнително извршила сметководствено прикривање на трансакциите, така што средствата ги евидентирала како негативни книжења на картичката на купувачот и ги прикрила во Даночниот биланс за 2022 година.

Д.М., како овластен потписник на сметката на пријавеното правно лице од Штип, непосредно по уплатата по фиктивната фактура реализирал електронски налог со кој средствата ги префрлил на сметката на Х.Р. Потоа пријавениот Д.К., како овластено лице на сметката на Х.Р., конвертирал дел од средствата во девизи, дел ги подигнал во готово, а дел ги искористил за купување возило.

Дополнително, Ф.Н., како управител на пријавеното правно лице од Скопје, во текот на 2022 година не го уплатил персоналниот данок на доход во износ од 1.885.370 денари за исплатените средства кон Х.Р., согласно договорот за цесија, а пријавената Х.Р. не го пријавила остварениот приход во Годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи