Почетна
Македонија

Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, за незаконска легализација во Куклиш

Полицијата тврди дека биле употребени лажни елаборати за бришење општински објекти и префрлање на 866,46 м² државно земјиште.

·Македонија
Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, за незаконска легализација во Куклиш

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште две лица поради сомнение за злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување исправа поврзани со легализација на бесправно изграден објект во селото Куклиш.

Во соопштението стои: „СВР Струмица до ОЈО Струмица поднесе кривична пријава против К.К. (36) од Струмица, во времето на сторување на кривичното дело градоначалник на Општина Струмица, С.Р. (38) од Струмица, во времето на сторување на кривичното дело раководителка на Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица и Ј.П.(60) од Битола, во времето на сторување на кривичното дело управител на правно лице од Битола (сега ликвидирано) поради основано сомневање дека К.К. и С.Р. сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а Ј.П. сторил кривично дело фалсификување исправа“, се вели во соопштението од МВР.

Постапка и претходни судски одлуки

Во описот на случајот полицијата наведува дека Костадинов и тогашната раководителка на Секторот за урбанизам во 2022 година овозможиле легализација на објект на катастарска парцела во селото Куклиш на која имало објекти во сопственост на Општина Струмица. Раководителката, според пријавата, побарала од управителот на битолското правно лице да изготви елаборат за бришење објекти од катастарската парцела.

Според МВР, во елаборатот и во техничкиот извештај било наведено дека на локацијата нема објекти, иако таму имало објекти во сопственост на Општината. „Легализацијата е извршена така што од страна на С.Р. било побарано од Ј.П. да изготви елаборат за бришење на објекти на катастарска парцела во Куклиш и таквиот елаборат да го искористат за бришење на објекти кои биле во сопственост на Општина Струмица, со цел катастарската парцела да добие чист имотен лист. Од страна на Ј.П. е изготвен елаборат и технички извештај со невистинита содржина дека на лице место не постојат објекти и како такви се употребени при процесот за бришење на објекти кои биле во сопственост на Општина Струмица, а изградени на катастарската парцела во сопственост на РС Македонија", пишува во полицискиот извештај за пријавата.

Документите потоа биле употребени во постапка за бришење на општинските објекти, со цел парцелата да добие чист имотен лист. На тој начин, според полицијата, на лице од селото Куклиш му било овозможено да добие решение за легализација на објект – стовариште со внатрешна површина од 161 квадратен метар. Со ова му било овозможено и да го откупи земјиштето под објектот, како и да отуѓи земјиште со површина од 866,46 квадратни метри, во сопственост на Република Северна Македонија, и да го запише на свое име.

„Со овие дејствија, пријавените му овозможиле на Т.Ј. од с. Куклиш да се стекне со противправна имотна корист, со тоа што од страна на првопријавениот е издадено решение за легализација на бесправно изграден објект, со кое му се легализирале објект – зграда бр. 1 со намена И4-Б (стовариште) во приземје ниво 1 со внатрешна површина на деловен простор од 161 квадратни метри на катастарската парцела и со таквата постапка исто така му овозможиле да изврши откуп на земјиштето под зграда, да изврши отуѓување на земјиште со површина од 866,46 квадратни метри во сопственост на РС Македонија и да се запишат на негово име со право на сопственост“, велат од МВР.

Полицијата додаде дека при постапката не биле земени предвид претходни судски одлуки: во 2016 година Вишиот управен суд ја одбил жалбата на лицето за барањето за легализација, со образложение дека објектот се наоѓа на парцела на која право на сопственост на објект има Општина Струмица. Дополнително, во 2019 година е донесена пресуда со која е потврдено дека објектот е изграден без соодветно одобрение за градење, а инспектор од Општина Струмица му издал решение објектот да се отстрани.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи