Кривични пријави за поранешен директор и вработени во Тутунски комбинат, оштета над 3,3 милиони денари
Полицијата поднесе пријави за прикривање и продажба на отпадно железо во 2022 година — нанесена штета над 3,3 милиони денари.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против три физички и едно правно лице од Прилеп, меѓу кои и поранешен директор на АД „Тутунски Комбинат“ Прилеп, со сомнение дека незаконски продавале отпад и го оштетиле буџетот на комбинатот за 3.338.328 денари (53.687 евра).
Осомничените, како што соопшти полицијата, се товарат за повеќе кривични дела меѓу кои проневера во службата, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување службена исправа и прикривање.
„Првопријавениот Љ.Б., во 2021/2022 година работел во АД ‘Тутунски Комбинат4 – Прилеп на работно место координатор на група за обезбедување, а второпријавениот во истиот период бил генерален извршен директор на АД ‘Тутунски Комбинат’, третопријавениот Ј.Д. е сопственик и управител на четвртопријавениот правен субјект, овластена фирма за откуп и продажба на отпадни материјали со која АД ‘Тутунски Комбинат’ Прилеп има склучено договор за откуп на отпадни материјали. Во првото тримесечие на 2022 година, првопријавениот Љ.Б., спротивно на член 3 од Одлуката за одобрување на отпис од сметководствена евиденција и продажба на основни средства, ситен инвентар и резервни делови како отпадни материјали, по негов усмен предлог од тогашниот генерален извршен директор, второпријавениот К.С., му било овозможено тој да ја спроведе продажбата на отпад наместо референтот за управување со отпад“, соопштуваат од МВР.
Полицијата наведува дека во февруари 2022 година првопријавениот, со помош на третопријавениот Ј.Д., прикрил најмалку 185.000 килограми отпадно железо од Работна единица Заводи – Мажучиште и не ја евидентирал на сметката на тутунскиот комбинат; материјалот бил предаден и откупен од правно лице од селото Мало Коњари по повисока цена за 2 денари по килограм.
„По префрлањето на паричните средства на нивните трансакциски сметки во банки, тие ги подигнувале во готово и му ги предавале на првопријавениот. На ваков начин на сметките биле префрлени парични средства во вкупен износ од 3.338.328 денари (53.687 евра) и за тој износ е оштетен АД ‘Тутунски комбинат’ Прилеп. Додека, на АД ‘Тутунски комбинат’ по основ на продажбата на отпадното железо, од правното лице од Мало Коњари исплатени се парични средства во вкупен износ од 1.274.560 денари (близу 20.500 евра)“, стои во соопштението на МВР.
Кривичните пријави се поднесени и предметот е во надлежност на обвинителство и суд; од МВР не информираа за донесена пресуда.
Фото: илустрација / Слободен печат / Драган Митрески