Почетна
Балкан

Криза во албанскиот јавен превоз: од 1 септември линии скратени за 20–30%

Транспортните здруженија ги најавија намалувањата поради високите трошоци и неисплатениот надоместок за гориво што им бил ветен од владата.

·Балкан
Криза во албанскиот јавен превоз: од 1 септември линии скратени за 20–30%

Јавните превозници во Албанија најавија дека, од утре, 1 септември, ќе ги редуцираат автобуските линии за околу 20–30% поради растечките оперативни трошоци и нереализирањето на ветениот надоместок за гориво од страна на владата.

„Принудени сме да работиме со возен парк намален за околу 20-30%, возависност од финансискиот и оперативниот капацитет што секој оператор моментално го има на располагање. Одлуката ја донесовме по континуираните барања до надлежните институции за продолжување на периодот за компензација за нафта за најмалку три месеци, бидејќи трошоците за работа со полна флота се неподносливи, стои во објавата на Националното здружение за урбан транспорт и Здружението за урбан и меѓуградски транспорт.

Обраќање до институциите

Во допис до кабинетот на премиерот, министерствата за економија и инфраструктура и енергетика и општина Тирана, здруженијата нагласуваат дека овој чекор не е избор на операторите, ниту недостаток на волја од надлежните за обезбедување нормална услуга на јавен превоз.

Според транспортните здруженија, намалувањето е директна последица на финансиската неможност да се покријат трошоците за работа со полн возен парк, при што трошоците за гориво се истакнуваат како една од главните ставки. Тие побараа ситуацијата да се третира со приоритет и итност за да се избегне понатамошно влошување на услугата и што е можно поскоро враќање на целосниот оперативен капацитет.

Од мај, здруженијата за јавен превоз неколку пати изнесоа загриженост дека не можат да ги покријат трошоците поради зголемувањето на цената на нафтата и за времетраењето на периодот за користење на надоместокот од 50 леки за литар нафта. Албанија има највисоки цени на горивата во регионот — литар нафта чини 2,38 евра, додека бензините 2,22 евра.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи