Кровот сè уште не е саниран во училиште во Гази Баба – надлежните уверуваат „нема опасност за децата“
Ќе се распише тендер во наредниве денови; надлежните велат дека привремените мерки ги штитат децата.

Со завршувањето на летниот распуст, ОУ „Наум Наумовски-Борче“ во Гази Баба ќе ги пречека своите безмалку 1000 ученици со зграда чиј кров сé уште не е целосно саниран по силното невреме кое го зафати Скопје пред околу еден месец. Остатоците од оштетениот лим се отстранети, но за целосна реконструкција прво треба да се распише тендер.
Дирекцијата и локалните власти уверуваат во безбедноста на учениците
Директорот Ивица Петрушевски појаснува дека постапката за јавна набавка ќе биде отворена наскоро: „За неколку дена ќе се распише јавната набавка и огласот за прибирање на најдобар изведувач. Да апелирам до родителите дека децата се безбедни, затоа што горниот дел од кровот има бетонска плоча што гарантира безбедност на децата од протекување и други несакани дејствија“.
На терен се гледаат делови од лимот кои сè уште висат надвор од објектот, но надлежните тврдат дека најризичните елементи се отстранети и дека е поставена привремена заштита против продирање на вода додека трае постапката за избор на изведувач.
Во друг објект погоден од невремето, Државното средно училиште „Марија Кири Склодовска“, кровот над лабораторијата беше реконструиран за само еден месец. „Беше побарано од Бирото за јавни набавки да даде мислење за почнување на постапка со итност – и позитивно одговори и се изврши избор на најповолен изведувач се започна со работа и со 15.08 се заврши реконструкцијата на кровната конструкција' рече Дарко Спасев директор на Државно средно училиште Марија Кири Склодовска
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, исто така, ги повика родителите да не се загрижуваат: „Има плоча и учениците се обезбедени. Се прави проект, родителите да не се загрижени проверено е, инжинери беа на лице место, кровот ќе се направи во текот на учебната година “ рече Весна Јаневска министерка за образование и наука
Главниот град сè уште ги чисти последиците од силниот ветер и дожд: екипи отстрануваат паднати дрвја и поправаат оштетувања на покриви и фасади. За училиштата каде што има оштетувања, локалните власти велат дека приоритет е обезбедување безбедни услови за настава додека не се заврши конечната санација.
Фото: прес-материјал од настанот