Ладен бран: до петок дожд, на планините снег и многу ладни утра
Метеорологот Славчо Попоски упатува предупредување за силен северен ветер, ладни утра и повремени врнежи од снег над 1.500 м.

Територијата на Македонија до крајот на оваа недела ќе остане под влијание на ладен воздушен бран што се спушта од север, со постудени утра, засилен ветер и локални врнежи, објави метеорологот Славчо Попоски.
Времето до петок (16 октомври)
До петок (16 октомври) ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а повремено ќе дува засилен до силен ветер од северен и од северозападен правец, кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 60 км/час.
„ Во петок (16 октомври) повторно ќе имаме локални врнежи од дожд со слаб до умерен, локално и со умерен интензитет, додека на планините со надморска височина од над 1500 метри ќе има повремени врнежи од снег. ” — кажа Попоски.
За викендот (сабота и недела, 17/18 октомври) се очекува поумирено време: сончево со мала до умерена локална облачност, а ветерот ќе ја намали својата брзина.
Наутринските температури ќе бидат значително пониски — на повеќе места ќе се спуштаат околу, па и под 5 степени, а особено на повисоките населени места и на планините ќе се спуштаат околу, па и за неколку степени под нулата. Дневните максимуми ќе бидат релативно ниски, во најголем дел до околу или под 15 степени, додека во Скопската котлина, централните и југоисточните предели локално може да се искачат близу 20 степени.
„Вистинската есен во Македонија е тука, тоа значи дека пред нас е значително ладен период а тоа значи дека топлата облека и тоа како ќе ни биде потребна, како и греењето во домовите„, објави тој.
Фото: прес-материјал од настанот


