Лав ја уби лавицата во Загреб: активисти бараат оставки
Здружението „Анималекс“ објави видео и ја обвинува Зоолошката градина во Загреб за негрижа по смртта на лавицата Тајри.

Хрватското здружение за заштита на животните „Анималекс“ објави снимка за која тврди дека ги прикажува последните моменти на лавицата Тајри, која била усмртена откако ја нападнал лавот Уганда во Загребската зоолошка градина.
На објавените кадри се гледа лавот покрај лавицата која лежи во живеалиштето, а во позадина се слушаат гласови на луѓе и повикување на лавот. Од самото видео не може да се утврди кога точно е снимено, што се случило непосредно пред настанот или дали станува збор за напад или за друго однесување на животните.
Активистите ја обвинуваат управа на зоолошката градина
„Анималекс“ обвинува дека смртта на Тајри е резултат на нестручно и неодговорно постапување на негувателите и другите одговорни лица, посочувајќи дека лавицата била пуштена во заедничкото живеалиште со лавот само десет дена по нивното спојување, без постојан надзор и без соодветна реакција на претходните напади што, според здружението, ги трпела.
Активистите наведуваат дека нападот го видел најмалку тројца посетители и тврдат дека вработените се обидувале да го запрат лавот – повикувајќи го (!). Тие бараат оставка од директорот на Зоолошката градина и од лицето кое ја донело одлуката лавот и лавицата да бидат сместени заедно.
Од Зоолошката градина претходно соопштија дека животните биле успешно споени на 10 јули во помошен простор, а од 21 јули престојувале заедно во надворешниот дел од живеалиштето. Според нив, лавот и лавицата добро се согласувале и немало знаци дека може да дојде до напад.
Директорот Иван Цизељ изјавил дека животните биле под постојан надзор и дека 12 дена живееле заедно без инциденти. Во соопштението се додава дека засега не е познато што го предизвикало нападот и дека по инцидентот вработените постапиле според утврдените протоколи; како што велат, ниту посетителите ниту персоналот не биле во опасност.
Фото: Animalex / Фејсбук / скриншот