Почетна
Македонија

Личната карта и возачката дозвола во телефон — од октомври електронски документи

Министерството за дигитална трансформација вели дека мобилните документи ќе имаат иста правна важност како хартиените, со контролиран пристап.

·Македонија
Личната карта и возачката дозвола во телефон — од октомври електронски документи

Министерството за дигитална трансформација соопшти дека од октомври граѓаните ќе можат да ја носат личната карта и возачката дозвола во мобилниот телефон како официјални електронски документи, а точниот датум за пуштање на апликацијата дополнително ќе биде објавен.

Како ќе функционира апликацијата

„Апликацијата се очекува да биде официјално пуштена во текот на октомври, а точниот датум дополнително ќе биде објавен. Согласно Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, електронските документи ќе имаат иста правна важност како физичките. Електронските документи нема да бидат обична фотографија или скенирана копија од документот, туку официјални електронски документи преземени од државните евиденции,“ соопштија од Министерството за дигитална трансформација.

Од министерството објаснуваат дека пристапот до податоците ќе се овозможува преку електронска идентификација и личен ПИН-код, а размената на податоци ќе се врши преку безбедносен протокол со Министерството за внатрешни работи, како институција што ги чува изворните евиденции.

„Пристапот ќе се врши преку електронска идентификација и личен ПИН-код, а размената на податоците ќе се одвива врз основа на безбедносен протокол со Министерството за внатрешни работи, како институција надлежна за изворните податоци. Пристапот до системите и информациите ќе биде строго ограничен, евидентиран и достапен само за овластени страни,“ велат од Министерството за дигитална трансформација.

За граѓаните кои немаат паметен телефон нема да постои обврска да ја користат апликацијата — физичките документи остануваат валидни и ќе можат да се користат како досега. Воведувањето на електронските документи нема да биде автоматско во секоја институција, туку ќе се проширува постепено.

Министерството потенцира дека безбедноста и приватноста се приоритети во развојот на системот и дека пристапот до податоците ќе биде строго контролиран.

Автор: Тамара Марковска

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи