Лидија Зимбовска и Зоран Герасимоски се кандидати за претседател на Апелационен суд — Скопје
Судскиот совет ги усвои извештаите на Комисијата и ја продолжи постапката и покрај поединечни приговори кон документацијата на Герасимоски.

За претседател на Апелациониот суд — Скопје се пријавија судијката Лидија Зимбовска и в.д. претседателот на судот, Зоран Герасимоски, соопшти денеска Судскиот совет додека ги разгледуваше документите по објавените огласи.
На почетокот на седницата Комисијата за проверка на навременоста и комплетноста на пријавите, чиј извештај го прочита неговиот претседател Садула Изаири, го презентираше заклучокот од работниот состанок одржан на 26.08.2026 година и констатираше дека пријавите биле доставени во рокот наведен во огласот.
Изаири рече дека тој заедно со членот на Комисијата Ивица Николовски сметале дека документацијата за Зоран Герасимоски е уредна и комплетна и постапката треба да продолжи. Но, членката Тања Чачарова-Илиевска се изјаснила спротивно, наведувајќи дека нема доказ дека кандидатот ги исполнува условите од член 47 став 1 од Законот за судови — непрекинат судиски стаж од шест години во Апелациониот суд Скопје заклучно со денот на објавата на огласот, 31.07.2026 година.
Изаири, читајќи го извештајот на Комисијата, рече: "Истиот член наведува дека од податоците со кои располага Судски совет се утврдува дека кандидатот Зоран Герасимоски избран за судија на Апелациониот суд Скопје на ден 28.11.2017 година, а за член на Судски совет избран на ден 20.09.2022 година која функција ја извршува се до 08.06.2023 година, а за кој период судиската функција му мирува".
За судијката Лидија Зимбовска Комисијата едногласно одлучи дека документите се во ред и постапката за нејзината кандидатура треба да продолжи. На веб-страницата на судот е објавено дека Зимбовска била избрана за судија во Апелационен суд Скопје на 10.02.2020 година и постапува по предмети во кривичниот оддел.
Судскиот совет со седум гласа "за" и четири "против" ги усвои извештаите на Комисијата и одлучи изборната постапка да продолжи. Против гласаа Тања Чачарова-Илиевска, Сузана Јошевска-Анастасовска, Антоанета Димовска и Џанета Бектовиќ.
Други избори и извештаи
Во рамки на денешната расправа Советот ги разгледа и документите за претседател на Основниот суд Струга, каде единствен пријавен кандидат е Танче Петревски, и донесе одлуки за избори на претседатели на Основните судови во Гостивар, Дебар и Свети Николе.
За претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот вршител на должноста Мирослав Петровски; во постапката учествувале и Елејса Алији (каде беше нотирано дека на 13.06.2026 е донесена одлука за исполнување услови за старосна пензија) и кандидатката Драгослава Веселиновска која не ја комплетирала документацијата.
За претседател на Основниот суд Дебар е избран Оруч Абазовски (во постапката учествувал и Мерсим Марку, за кого беше утврдено дека не ги исполнува условите бидејќи бил претходно избран двапати за претседател), додека за Основниот суд Свети Николе е избрана Валентина Буровска како единствена кандидатка.
Советот усвои и тримесечни извештаи за работата на судовите за периодот април–јуни 2026 година и заклучи дека судовите на национално ниво се генерално неажурни. Од дискусијата произлезе дека недостигот од судии и особено од судски службеници останува еден од главните предизвици за подобрување на ефикасноста на судскиот систем.
Фото: Принтскрин


