Литванија го повлече „жолтиот аларм“ по неидентификуван објект од Белорусија
Предупредување за Вилнус и Утена беше издадено околу 23:00 и укинато пред полноќ по следење на неидентификуван објект.

Литванија го повлече предупредувањето за опасност во својот воздушен простор доцна синоќа откако властите детектираа неидентификуван објект кој летал од правецот на Белорусија, а и Летонија издаде привремено предупредување.
Околу 23:00 часот беше активиран претпазливиот „Жолт аларм“, повикувајќи ги жителите во областите Вилнус и Утена да го пронајдат најблиското засолниште и да чекаат понатамошни инструкции. Предупредувањето е укинато пред полноќ.
Што соопштија властите
Вилмантас Виткаускас, раководител на Националниот центар за управување со кризи, изјави дека неидентификуваниот објект бил следен додека се движел над областа Игналина и дека не е јасно дали станува збор за дрон. Тој рече: "Во овој момент е тешко да се каже дали станува збор за дрон или за некој друг објект. Нашите воздухопловни сили продолжуваат да го следат."
Виткаускас додаде дека кога биле испратени предупредувањата непосредно пред 23:00, објектот се наоѓал на околу 30 до 50 километри од литванската граница. Тој посочи дека борбените авиони вклучени во мисијата за воздушна одбрана се во состојба на готовност и нагласи: "Доколку се донесе одлука за подигнување на авионите и неутрализирање на целта, тоа ќе се направи."
Компанијата „Литвански аеродроми" објави дека оперативните активности на аеродромот во Вилнус и во воздушниот простор над него биле привремено ограничени поради потенцијалната опасност. Околу 23:45 предупредувањето за округот Вилнус беше повлечено, а десет минути подоцна и за округот Утена. Аеродромот во Вилнус соопшти дека продолжува да работи, иако се можни откажувања и доцнења.
Летонската армија, пак, го предупреди населението во областа Лудза, долж белоруската граница, да побара засолниште поради воздушна закана. Во меѓувреме, во реакција на објектот кој летал од Белорусија кон Балтикот, борбени авиони на балтичката мисија за воздушна одбрана на НАТО биле подигнати.
Фото: прес-материјал од настанот


