Локали во Старата чаршија затворени по инспекции, угостители тврдат селективност
Управителите прифаќаат санкции за работно време но бараат транспарентност; Инспекторатот вели дека има до петнаесет издадени забрани.

Затворени се неколку угостителски објекти кои работат под капата на „Калдрма“ во Старата скопска чаршија — дел од локалите се пломбирани, а во моментов пабот и винаријата не работат. Управителите велат дека добиле решенија и забрани, но остануваат со сомнеж за причините и бараат појаснување од надлежните.
Управителите тврдат дека инспекциите се селективни
Теа Јанковиќ, управителка на комплексот, вели дека прифаќаат можни санкции поради непочитување на работното време, но изразува сомнеж дека инспекциите се применуваат селективно и дека одредени локали се таргетирани повеќе од други. Таа побара транспарентност и еднаков пристап при постапувањето.
Теа Јанковиќ - управител: "Признаваме дека треба да бидеме санкционирани никој не треба да биде над законот, но верувам дека постојат сомнежи за селективност, бидејќи не може еден од нашите локалите да се затвора, а другите локали од улицата да работата со истото темпо. Имаме прашање до надлежните институции, кој сака да го уништи македонскиот дух во чаршијата и ноќниот живот? Ние само сакаме да ја негуваме нашата култура, мислам дека чаршијата е место за секого, ние не сме против никого, но ние што пуштаме македонска музика сме најмногу санкционирани. Сакаме транспарентност, одговорност и правилата за сите да важат."
Државниот пазарен инспекторат потврди дека се вршат проверки во Старата чаршија и дека за дел од објектите веќе се издадени мерки. Инспекторатот ги отфрла обвинувањата за селективност и тврди дека постапува според пријави и во координација со МВР.
Влатко Стојкоски - директор на Државен пазарен инспекторат: "Државен пазарен инспекторат постапува врз основа на пријави. Во дел, постапуваме во координирани акции со МВР. За конкретниот случај има до петнаесет издадени решенија за забрана за вршење за дејност поради тоа што работат без лиценца и константно се пречекорува работното време и ги доведуваат поситителите во опасност."
Старата скопска чаршија е туристички развиена и важи за значајна културно-историска зона. Низ годините дел од угостителските објекти често работеа и подоцна од утврденото законско работно време, а надлежните нагласуваат дека повтораните прекршоци и работењето без лиценца довеле до засилени контроли.
Фото: прес-материјал од настанот


