Лукаревска: Дупка од 1 милијарда евра во буџетот, ист износ недостасува и во ПИОМ
Пратеничката на СДСМ ги критикува кратењата во ребалансот и предупредува на намалени капитални инвестиции и прескокнати проекти.

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во вечерашната дебата „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека во моментот постои дупка во државниот буџет од една милијарда евра и дека ист износ недостасува и во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).
Реализација на капитални инвестиции и критики на ребалансот
„Досега реализацијата на капиталните инвестиции, согласно она што го гледаме на сајтот на министерството за финансии од сите буџетски корисници, е 57,1 процент. Мислам дека најмногу предничи министерството за локална самоуправа со скоро 5,7 проценти реализација на капитални инвестиции, а тоа е она министерство што треба да ги менаџира единиците на локалната самоуправа“, изјави Лукаревска.
Таа оцени дека во ребалансот има неколку небулозни кратења и дека документот ја нема онаа инвестициска нишка која беше обележје во дебатата за првиот ребаланс.
„Значи се крати од пречиститеоната станица, се крати од квалитетот на воздух, аерозагадувањето сега ќе ни тропне на врата како што доаѓа зимата, а имаме зголемување на буџетските средства за набавка на возила за 79,1 процент во споредба со претходниот ребаланс. Значи кратиме од стратегијата за борба против аерозагадувањето, на министерството за животна средина ќе му дадеме да си купи нови возила. Од друга страна зборуваме дека не луксузираме, дека не трошиме повеќе отколку што е предвидено“, рече таа.
Лукаревска потенцираше и кратења во ресорот образование: намалени средства за ФИНКИ, за установи „Мајка Тереза“, за реконструкција на основни и средни училишта, за спортски сали во основните училишта, ученички домови и за енергетска ефикасност на студентските домови.
„Кај министерството за здравство имаме 100 милиони евра помалку од капиталните инвестиции. Таму нема збор за клиничкиот центар, за болницата во Штип, во Кичево, се крати на ретките болести, итн. Во министерството за економија се крати кај програмата за мали и средни претпријатија и се крати кај една тема што ги засега сите, за демографијата“, нагласи Лукаревска.
Фото: прес-материјал од настанот


