МААЕ: Нема знаци дека Иран ја обновува нуклеарната инфраструктура оштетена во нападите
Рафаел Гроси порача дека инспекторите на МААЕ треба да добијат пристап до сите постројки и дека нема потврда за состојбата на залихите ураниум.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нема знаци дека Иран се обидува да ги поправи или обнови нуклеарните објекти и инсталации кои беа оштетени во американските и израелските напади оваа и минатата година, рече синоќа генералниот директор на агенцијата, Рафаел Гроси, на состанок на Советот за безбедност на ОН.
Гроси повика на пристап за инспекторите
На состанокот Гроси го повика Техеран да им дозволи на инспекторите на МААЕ пристап до сите нуклеарни постројки во земјата, вклучително и до оние што беа цел на воздушните напади, и посочи дека агенцијата не може да ја потврди состојбата на иранските залихи по бомбардирањата.
„Од јуни 2025 година не сме идентификувале никаква активност за поправка или реконструкција на ниту една од постројките оштетени во воените напади во 2025 и 2026 година", истакна Гроси.
МААЕ соопшти дека Иран располага со 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти чистота, што претставува релативно мал технички напредок кон нивото од околу 90 проценти кое се смета за оруженото ниво на збогатување.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека една од главните причини САД да ја почнат војната против Иран на 28 февруари била да се спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје. Тој порано тврдел дека американските напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни 2025 година ја „избришале" нуклеарната програма на земјата.
Состанокот на Советот за безбедност беше свикан по барање на Бахреин, Данска, Латвија, Франција, Велика Британија и САД, откако МААЕ го извести Советот дека Иран не ги исполнува своите обврски за неширење на нуклеарното оружје. Русија и Кина, кои се сметаат за сојузници на Техеран, не успеаја да го блокираат одржувањето на состанокот.
Фото: прес-материјал од настанот


