Македонија, Грција и Албанија почнуваат подготовки за номинација на Преспанскиот Регион за УНЕСКО
Министрите за култура потпишаа заедничка изјава во грчката Општина Преспа за почеток на прекугранична кандидатура за светско наследство.

Министрите за култура на Северна Македонија, Грција и Албанија потпишаа заедничка изјава за почеток на подготовките за номинација на прекуграничниот Преспански Регион за списокот на светското наследство на УНЕСКО. Трилатералната средба се одржа во грчката Општина Преспа.
Изјавата ја потпишаа министрите Седат Сулејмани (Северна Македонија), Лина Мендони (Грција) и Бленди Гоција (Албанија). Со тоа стартува координативен процес за собирање на документите и студиите што ги бара Центарот за светско наследство на УНЕСКО за една прекугранична кандидатура.
Министерот Седат Сулејмани порача: "За мене, значењето на оваа заложба е во долгорочното и одржливо управување со Преспа, со конкретни придобивки за локалните заедници. Со обединување на нашите знаења, искуства и добра волја, можеме да изградиме трајна соработка што го штити наследството и создава можности за развој на регионот".
Заедничка оцена и значење
Во заедничката изјава тројцата министри го оценуваат Преспанскиот Регион како уникатен, природен и културен пејсаж од исклучителна вредност и меѓусебно поврзана целина. Тие изразија уверување дека заедничкиот напор за заштита и признавање на Преспа може да биде пример за конструктивна регионална соработка и за улогата што споделеното културно и природно наследство може да ја игра како мост меѓу соседните земји и народи.
На средбата присуствуваше и евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, раководителот на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево Синиша Шешум, постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија Рита Колумбија, како и претставници на институциите и локалните самоуправи од трите земји.
Евроамбасадорот Рокас изјави: "Европската Унија одлучи, покрај политичката поддршка, да ги финансира првите релевантни студии за поднесување на кандидатурата, кои се очекува да бидат завршени најдоцна во рок од една година. Европската Унија ги поддржува заедничките напори на трите соседни земји за заштита и истакнување на еколошките и културните богатства што ги поседуваат во регионот на Преспа".
Како следни чекори беа најавени усогласување на временските рокови за потребните студии и инвентаризации, зајакната прекугранична координација на мерките за заштита и вклучување на локалните заедници, така што евентуалната вклученост на Преспа на Листата на светското наследство би донела и одржлив развој и конкретни придобивки за жителите околу Езеро Преспа.
Фото: Фејсбук


