Почетна
Спорт

Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026

Ева во финалето на 100 м, Петар пливаше 4:10,60, а Марио е првиот македонски триатлонец на Младински олимписки игри.

·Спорт
Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026

Македонија го заврши своето учество на Младинските олимписки игри Дакар 2026 со компактна, седумчлена делегација и неколку запаметливи настапи во атлетика, пливање и триатлон.

Резултати и значење

На Игрите земаа учество три млади спортисти: Ева Митевска во трката на 100 метри, Петар Цеков во пливањето и Марио Брезовски во спринт триатлонот. Ева Митевска се пласира во финалето на 100 метри и заврши на осмото место, трчајќи 12,28 секунди во одлучувачката трка — нов личен рекорд. Петар Цеков настапи на 400 метри слободно со време 4:10,60, што му донесе 4. место во неговата серија и 21. место во генералниот пласман; неговата примарна дисциплина, 800 метри слободно, беше откажана поради висока температура на водата во базенот.

Марио Брезовски е првиот македонски триатлонец кој се квалификувал за Младинските олимписки игри. Тој го заврши спринт триатлонот (750 м пливање, 20 км велосипед, 5 км трчање) со време 59:06 минути и го освои 24. место; особено впечатлив беше неговиот пливачки дел, во кој излезе прв од водата.

Игрите во Дакар собраа 2.655 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 204 национални олимписки комитети и беа организирани натпревари во 25 спортови. Дакар 2026 исто така беше историски момент за олимпиското движење, бидејќи тоа беше прв олимписки настан одржан на африканскиот континент.

„Младите спортисти навистина ме воодушевија со својата посветеност, дисциплина, одговорност и односот кон обврските во текот на целиот престој. За мене, како шеф на делегацијата, беше особено задоволство да ги следам не само нивните тренинзи и настапи, туку и начинот на кој се претставуваа надвор од спортските терени. Ова беше многу повеќе од натпреварување, беше можност да растат како спортисти и личности. Настапите во Дакар треба да се вреднуваат не само низ призмата на конечните пласмани, туку и преку постигнатите лични резултати, конкурентноста, спортскиот напредок и искуството стекнато во меѓународна конкуренција. Финалето и најдобриот резултат на Ева, настапот на Петар во изменети околности и историското учество на Марио се три различни, но подеднакво важни приказни за младинскиот спорт во Македонија“, истакна Елена Зисовска Апостолска, шефица на македонската делегација.

Зад настапите стоеше стручниот тим составен од Горан Стаменов (треньор по пливање), Данчо Ѓорѓијевски (треньор по триатлон) и Божурка Ѓошевска (тренерка по атлетика), чија поддршка беше клучна за подготовките и натпреварите. Македонскиот олимписки комитет им честита на спортистите, тренерите и националните федерации за вложениот труд и достоинственото претставување на државата.

Фото: : IOC OIS\/Joel Marklund

Поврзани написи