Македонската универзитетска карате репрезентација пред Европското во Тирана
Состав предводен од каратисти на „Макпетрол – Скопје“ ќе настапи од 7 до 12 септември, селекторот Бошко Заборски е задоволен од подготовките.

Македонската универзитетска карате репрезентација ги одбројува последните денови до настапот на Европското универзитетско карате првенство во Тирана, кое ќе се одржи од 7 до 12 септември.
Во составот најголем дел од каратистите доаѓаат од карате клубот „Макпетрол – Скопје“. За Македонија ќе настапат: Вукашин Јовановиќ-67 кг, Петар Заборски-75кг, Данило Божовиќ-84кг, Реџеп Рушити-84кг, Стефан Стојановиќ+84кг, Рудине Алиу-55кг , Јована Мицовска-61кг, Викторија Јовановска-68 кг, Греса Мустафиу +68кг и Ердона Зибери.
Селекторот го следи финалниот процес
Селекторот Бошко Заборски е задоволен од текот на завршните подготовки и од формата на репрезентативците.
„Во овој период сите спортисти се во добра форма. Основниот физички и технички дел од подготовките е веќе реализиран, а сега работиме на финалните детали. Кај секој спортист индивидуално ги подобруваме специфичните технички и тактички елементи, во зависност од неговите карактеристики и потребите за настапот во Тирана. Целта е првенството да го дочекаме максимално подготвени и секој од репрезентативците да го даде својот максимум„, истакнува селекторот Заборски.
Настапот во Тирана доаѓа во период на голем позитивен момент за македонското универзитетско карате. Репрезентацијата неодамна постигна историски резултат на Светското универзитетско првенство во Бразил, каде што освои вкупно четири медали — успех што стручниот штаб го посочува како дополнителен мотив пред европското првенство.
Иако очекувањата се високи, во стручниот штаб нагласуваат дека фокусот останува на секој поединечен настап со цел да се одржи континуитетот на успешни настапи и освојување медали на најзначајните универзитетски натпреварувања.
Фото: прес-материјал од настанот