Македонски државјанин приведен во Хрватска по пожар кај Дрниш
Пожарот, кој избувнал откако биле запалени хартиени вреќи од цемент, бил изгаснат во 19:36 со интервенција на девет пожарникари, три возила и авион „Ер трактор“.

Хрватската полиција поднесе кривична пријава против 54-годишен државјанин на Македонија со регулиран престој во Хрватска, по сомнение дека предизвикал пожар во местото Седрамиќ, во близина на Дрниш, откако палеел хартиени вреќи од цемент по завршување градежни работи.
Полициската управа Шибенско-книнска соопшти дека криминалистичката истрага утврдила дека во четврток попладне, по изведување градежни работи во дворот на куќа, мажот запалил повеќе хартиени вреќи од цемент.
Како се проширил огнот
Пожарот неконтролирано се проширил кон селото Чавале, при што биле зафатени сува трева и ниска вегетација на површина од околу 100 на 100 метри.
Понатамошното ширење на огнот било спречено со интервенција на пожарникарите, кои целосно го изгаснале пожарот во 19:36 часот.
Во гаснењето учествувале девет пожарникари со три противпожарни возила, а од воздух им помагал и противпожарен авион „Ер трактор“.
Полицијата го сомничи 54-годишникот за кривично дело предизвикување опасност за животот и имотот со општоопасно дејство или средство.
Фото: прес-материјал од настанот