Макрон бара Европа да развие сопствена програма за летови со астронаути
На самитот во Париз Макрон постави цели за Никс, Аргонаут и прва европска капсула со екипаж и го поддржа барањето на ЕСА за околу 1 милијарда евра годишно.

На 10 септември 2026 година, на меѓународниот самит за вселената што се одржа во Париз и беше организиран од Франција и Германија, францускиот претседател Емануел Макрон повика Европа да развие сопствен капацитет за мисии со астронаути во рок од една деценија.
Целни рокови: „Никс“ до МСС, „Аргонаут“ на Месечината, капсула со екипаж од Куру
Макрон предупреди дека „нашата европска вселенска програма и понатаму е ранлива и мора да ги засилиме нашите напори“ и повика на јасни и амбициозни цели. „Сакаме Европа да ја потврди својата амбиција во областа на летовите со астронаути“, рече тој.
Тој наведе конкретни чекори: „За две години сакам да ја видам првата европска товарна капсула ‘Никс’ како се приклучува на Меѓународната вселенска станица; за пет години првиот европски лунарен лендер ‘Аргонаут’ да слета на површината на Месечината“, додаде Макрон, и посочи дека „А за десет години првата европска капсула со екипаж да полета од Куру со европски астронаути и астронаути од други земји на бродот“.
Повикот на Макрон дојде по барањето на генералниот директор на Европската вселенска агенција, Јозеф Ашбахер, кој на затворена средба со министри и високи претставници побара повеќе средства за развој на самостоен европски вселенски сектор и го постави прашањето: „Дали ќе бидеме патници или пилоти?"
Ашбахер процени дека за развојот ќе бидат потребни инвестиции од околу една милијарда евра годишно во текот на следните десет години. Тој истакна и дека понатамошната зависност од странски партнери има висока цена: „Купувањето летови за европски астронаути од странски компании би чинело пет милијарди евра во период од десет години“, предупреди тој, суми кои би поддржале странски индустрии наместо европскиот сектор.
Во последните години Европа се обидува да ја зголеми својата автономија во вселената; досега таа нема испратено сопствена мисија со астронаути, туку се потпираше на ракети и капсули од Русија и Соединетите Американски Држави. Земјите членки на Европската вселенска агенција се очекува да одржат министерски состанок во декември за да одлучат за следните чекори. Минатата година ЕСА обезбеди рекорден буџет од 22,1 милијарда евра за финансирање на своите програми во наредните три години.
Жана Ацеска
Фото: прес-материјал од настанот


