Макрон: Европа денеска е под притисок од враќање на национилизмот
Во Лорена Макрон ја претстави визијата за суверена, единствена и безбедна Европа и предупреди за растечки национализми.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика Европа да ја открие „храброста на своите основачи“ и да се спротивстави на „враќањето на национализмот“, во говор што го одржа во Мец на состанок посветен на европската изградба и мир, на кој присуствуваше и папата Лав XIV.
Говор од Лорена со историска симболика
Макрон зборуваше во Лорена, регион на границата со Германија, Белгија и Луксембург, кој има тешка воена историја и каде е погребан Роберт Шуман. Тој ја претстави својата визија за суверена, обединета и безбедна Европа која штити и донесува благосостојба.
„Овде чука илјадагодишното срце на Европа - Европа која штити, обединува и дејствува. Тоа е суверена и демократска Европа, водена од проект за мир и благосостојба“, рече Макрон, повикувајќи се на симболиката на местото.
Тој нагласи: „Европа мора да ја најде храброста да стане сила на мирот, независноста и демократијата, што е нејзина задача. Ни треба храброст да не се предадеме на изолационизмот, омразата кон другите и враќањето на национализмите што носат раздор.“ Говорот го одржа на последниот ден од посетата на папата во Франција.
Во своето обраќање Макрон посочи дека Европа е изграденa врз „грчко‑римски и јудео‑христијански темели“, врз француско‑германското помирување и „волјата на народите што се ослободија од диктатурите по 1945 година“, предупредувајќи дека „враќањето на империите“ е под силен притисок.
Објавено е дека Макрон ќе присуствува и на миса предводена од папата во Мец попладнево. „За да се обезбеди вистински суверенитет, мора да дејствуваме. Приоритет е да работиме на нашата безбедност и да ги зачуваме нашите вредности. Мирот не се прогласува со декрет, тој трпеливо го градат разумни и упорни луѓе со добра волја“, рече тој, повикувајќи се и на средбата со папата во петокот во Елисејската палата.
Макрон додаде дека Европа „не е сила што ги уништува нациите, туку сила што ја продолжува и ја зголемува нивната способност да дејствуваат и да управуваат со сопствената судбина“, и ги наведе вредностите на европското наследство—слободата, критичкото размислување, посветеноста на науката, либералната демократија и врската меѓу капитализмот, слободната трговија и државата на благосостојба.
Фото: прес-материјал од настанот


