Почетна
Македонија

Максим Ацевски: Ревизорските извештаи да бидат основа за кривични пријави, а не само за вештачење

Раководителот на ДЗР во Скопје рече дека конечните ревизорски извештаи треба да се третираат како доказ и основа за обвинителски активности

·Македонија
Максим Ацевски: Ревизорските извештаи да бидат основа за кривични пријави, а не само за вештачење

Шефот на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, повика ревизорските извештаи да се третираат како непосредна основа за поднесување кривични пријави, наместо единствено како повод за вештачење од страна на истражните органи, на отворањето на Регионалниот форум за превенција на корупцијата и проценка на ризиците од корупција во Западен Балкан, што се одржува денеска и утре во Скопје.

Ацевски: извештаите треба да водат кон постапки, не само кон експертизи

Ацевски рече дека корупција и криминал во државниот апарат постоеле и постојат, но дека со подобра соработка, промени во начинот на работа и законски решенија тие можат да се сведат на пониско и прифатливо ниво.

„Криминалот и корупцијата во јавната администрација постоел и ќе постои. Но, ние треба да се трудиме да ја сведеме на прифатливо ниво и во исто време треба да ги градиме капацитетите на нашите вработи, да градиме знаење и вештина на нашите вработени, колку може повеќе да ги откриваме и да имаме развиени вештини за детектирање на таквите состојби во насока на превенираме. Најголемата инвестиција е во превенцијата,“ изјави Ацевски.

Тој посочи дека извештаите на ДЗР често констатираат пропусти, финансиски малверзации и злоупотреби, но дека тие наоди ретко се користат како директен доказ од страна на истражните органи, кои по приемот на извештајот наредуваат вештачење.

„Сметам дека има одредена состојба која треба да ја надминеме во наредниот период и тоа е во делот на она што значи ревизорскиот извештај. Треба да преставува и основа за поднесување на конечна пријава а не основа за вештачење од страна Јавното обвинителство бидејќи Јавното обвинителство од добивање на самиот ревизорски извештај дава наредба за вештачење на утврдените состојби и тоа треба да се надмине. Мора да му се даде третман на конечниот ревизорски извештај како доказ за преземање на одредени обвинителски активности. Со измените и усвојувањето на новиот Закон за државна ревизија се воспоставува можност ДЗР да изрекува соодветни прекршочни активности за непостапување по дадените препораки,“ додаде Ацевски.

Тој истакна дека иако голем дел од институциите постапуваат по ревизорските забелешки, тоа не е доволно. Наведе три случаи — Онкологија, државната Лотарија и болницата во Прилеп — кои веќе се предмет на судски постапки и каде обвиненијата се поткрепени со наоди од ревизорите.

Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието, рече дека собраниските расправи за извештаите треба да бидат јавни и да се водат на пленарни седници, а не само во Комисијата за финансирање и буџет. „Најмногу зависи од Комисијата за финансирање и буџет како работно тело кое е стручно во тој дел. Секогаш кога ќе привлече некој ревизорски извештај внимание тој мора да биде разгледуван а со разгледувањето на пленарна сесија за нас има особено значење бидејќи како пратеници стануваме свесни за одредени можни девијации и даваме дополнителна јавност на извештаите на ДЗР,“ изјави Милошоски.

Амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, нагласи дека спречувањето и борбата против корупцијата бараат големо внимание бидејќи тоа ја зајакнува демократијата. Форумот го организира Државниот завод за ревизија и трае два дена во Скопје.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи