Почетна
Магазин

Мали еко‑херои: „Еуро-Екопак“ одржа шест работилници во градинките во Гази Баба

Серијата од шест работилници ги запозна најмалите со селекција на отпадот и украсуваше подарени канти кои остануваат во градинките.

·Магазин
Мали еко‑херои: „Еуро-Екопак“ одржа шест работилници во градинките во Гази Баба

Со многу насмевки, шарени цртежи и детска љубопитност, „Еуро-Екопак“ реализираше серија од шест едукативни работилници под наслов „Мали еко-херои“ во градинките низ Општина Гази Баба. Преку игра, разговор и креативни активности, најмалите научија како правилно да селектираат отпад и сфатија дека и тие можат да придонесат за зачувување на природата. Серијата заврши на 19 октомври со посета на градинката „25 Мај“ – објект „Пони“, оставајќи позади нови знаења и мали еко‑херои подготвени да ги применат научените навики.

Практична настава преку креативност

Работилниците почнаа со едноставни и прилагодени прашања: каде оди хартијата, каде пластиката, зошто е важно да се одвојува отпадот. Преку примери на дофатлив јазик и активно вклучување, децата учеа преку искуство. Посебен акцент имаше цртањето — најпрво ги исцртаа контурите на своите дланки, а потоа ги преобразуваа во дрвја, цвеќиња и сонца, со што пораката за заштита на животната средина доби опиплив облик.

За да наученото остане и по завршувањето на работилниците, децата ги украсиле кантите за селектирање отпад кои им беа подарени на секоја градинка. Овие шарени канти остануваат како практичен дел од секојдневието и постојан потсетник: секое парче отпад кое ќе се фрли во соодветната канта е можност знаењето да прерасне во навика.

– Со втората серија работилници ја продолжуваме приказната што ја започнавме во мај – грижата за природата да им стане блиска на децата уште од најмала возраст. Кога самите цртаат, ги украсуваат кантите и откриваат каде припаѓа отпадот, децата учат преку сопственото искуство. Нашата задача како возрасни е да ја поддржиме таа љубопитност и да им дадеме добар личен пример. Веруваме дека малите раце што денес со толку внимание цртаат дрвја и цвеќиња, утре со истото внимание ќе се грижат за светот околу себе – вели Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“.

Октомвриската серија е втора во рамки на иницијативата; првата беше организирана во мај оваа година во градинките во Општина Аеродром, опфаќајќи ја градинката „Буба Мара“ и нејзиниот клон „Сонце“, како и градинката „Срничка“ со објектите „Бамби“, „Чекорче и штурче“ и „Калинка“.

„Еуро-Екопак“, како колективен постапувач за отпад од пакување, појаснува дека фокусот е на едноставни практични постапки што децата од предучилишна возраст можат да ги разберат и применат: да препознаваат различни видови отпад, да го избираат соодветниот сад за селектирање и да се грижат за чистотата на просторот каде играат и учат. Една слика, едно детско прашање или потсетување може да ги покрене родителите на разговор и заеднички да поттикне подобри навики во домот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи