Почетна
Македонија

Маричиќ: Кога и да бидат изборите, мора да се вкалкулираат пари и време за нова набавка за системот за биометриска идентификација

Маричиќ: Членот 108а од Изборниот законик налага гласање преку терминали, ДИК ќе одлучи дали да набави софтвер или да ги замени уредите.

·Македонија
Маричиќ: Кога и да бидат изборите, мора да се вкалкулираат пари и време за нова набавка за системот за биометриска идентификација

Бојан Маричиќ, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), вели дека по истекот на петгодишниот договор со „Дермалог“ институциите и партиите навремено биле известени дека треба да се обезбедат пари и време за нова набавка или ажурирање на системот за биометриска идентификација.

Маричиќ предупреди дека Изборниот законик налага гласање преку биометриски терминали и дека ДИК нема правна алтернатива. „Ние сме должни да ги организираме согласно закон. Законот налага, членот 108а што го споменувам, гласање единствено преку овој уред односно преку биометриската идентификација на гласачите и ние немаме друга опција,“ рече тој, објаснувајќи дека секој изборен календар мора да предвиди време и средства за набавка на софтверска поддршка и функционалност за сите уреди.

Анализа на хардверот и софтверот

ДИК ангажира независен тим ИТ‑експерти да направи анализа и на хардверот и на софтверот на постојниот систем, а ќе се формира и работна група за истражување на пазарот. Врз основа на проценките на стручњаците, комисијата ќе одлучи дали следната јавна набавка ќе опфати само софтвер или ќе биде целосно обновување, вклучувајќи и заменa на апаратите.

Маричиќ потенцира дека во сопственост на комисијата се околу 4 000 апарати, кои се чувани од страна на полицијата и според високи стандарди. „Ние сме должни да обезбедиме функционален систем по законски прописи. Се разбира и тоа ќе го ќе го направиме,“ рече тој, нагласувајќи дека ДИК се грижи за чувањето и функционалноста на терминалите.

Терминалите првпат беа употребени на локалните избори во 2021 година, а таа набавка чинеше 11,2 милиони евра. Гласањето со примена на уредите за биометриска идентификација е обврска од Изборниот законик.

Маричиќ додаде дека ДИК навремено ја информирала Владата, Министерството за финансии и политичките партии и дека ова прашање се отворало и при дијалогот за Изборниот законик, со цел политичките актери да ги вклучат трошоците и временската рамка при планирањето на предвремени или редовни парламентарни избори.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи