Почетна
Македонија

Марија Нацева по една година на чело на Неготино: граѓаните делумно задоволни

Некои граѓани го поздравуваат обновувањето на улиците и парковите, други бараат решавање на долготрајни проблеми како депонијата.

·Македонија
Марија Нацева по една година на чело на Неготино: граѓаните делумно задоволни

По една година на функцијата градоначалничката на Неготино, Марија Нацева ги сумира реализираните проекти и обезбедените средства, но дел од жителите велат дека резултатите се само делумни. Во општината живеат нешто повеќе од 12 илјади жители, а во предизборието граѓаните очекуваа подобра сообраќајна безбедност, модернизација на локалната инфраструктура и поквалитетни услови за живот за да се запре иселувањето.

На терен, ставовите се поделени: едни го забележуваат новото асфалтирање и зеленилото, други ги истакнуваат старите проблеми што остануваат нерешени.

Неколку граѓани рекоа: “– Кружни текови направи, улици. Неготино беше многу запуштено.”

Други посочија: “– Има и паркови направено добри се ги одржуваат, ги метат нон стоп улиците.”

Но, во изјави имаше и критики: “– Таа е петта градоначалничка од 2012-та година се уште улицата со платени комуналии од тоа време 2500 евра , 2015-та, се уште не е направена а децата ми газат во кал. Канализацијата уште не и е уклучена, улица Дојранска. Само тоа не сум задоволен од неа.”

Депонијата во Дуброво и реакцијата на Комуналец

Граѓаните исто така се пожалија на депонијата во село Дуброво која, според нив, не е оградена. Од ЈП „Комуналец“ велат дека тешко се справуваат со несовесното однесување и го објаснија начинот на работа и преземените мерки: “-Идат често и не влегуваат во депонијата , на патот застануваат и од таму го фрлаат ѓубрето во депонијата и после ние пуштаме луѓе покрај оградата се што има го собираме и го фрламе на соодветно место. Бесплатно е не се наплаќа, освен фирмите но инаку физичките лица слободно можат да дојдат на депонијата и да го истурат ѓубрето во отпадот, а не до влезот на портата. Можат слободно да одат, патот е убав одиме и со коли и трактори, едноставно да не се плашат дека можат да ги дупнат гумите. Мислам дека тоа е и причината поради која сметот го одлагаат пред портата, вели Зоран Ајтов ЈП „Комуналец“- Неготино.”

Комуналец додава дека неколкупати поставувале заштитна мрежа која била искината, засадиле багрем покрај оградата што треба време да порасне, поставиле камери и летото го користеле распрскувачот за да ја намалат опасноста од пожари. Од нив истакнуваат дека депонијата постои со децении, а проблемот со неправилното одлагање отпад се повторува со години.

На локалните избори минатата година најмногу гласови доби Марија Нацева од ВМРО-ДПМНЕ и така стана првата жена градоначалник на Општина Неготино. Во кампањата најави градски плоштад, кружен тек и реконструкции на улици и тротоари.

Во извештајот по повод една година од мандатот, Нацева ги наведе обезбедените средства од Владата, капиталните инвестиции што се реализирани и започнати низ општината, како и активности за дигитализација и унапредување на административните услуги. Граѓаните велат дека одредени промени се видливи, но остануваат нерешени конкретни прашања, особено во помалите населени места.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи