Марковски: Неспорно е дека на плафонот во „Пулс“ имало полиуретански сунѓер
Експертот рече дека сунѓерот целосно изгорел и дека наодот се потпира на фотографии, снимки и други вештачења

Професорот Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје, кој сведочеше како вешт на судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, пред судот изјави дека е неспорно дека на спуштениот плафон бил поставен полиуретански сунѓер, иако истражните тимови не нашле материјални делови од него бидејќи тој целосно изгорел.
Вештачењето засновано на фотографии, снимки и други наоди
Марковски посочи дека отсуството на примероци се објаснува со фактот дека „Тоа е всушност главниот проблем. Целиот сунѓер изгорел и практично остатоци од сунѓер кои може да послужат за градежно вештачење не можеа да бидат најдени во објектот, и покрај тоа што со часови се обидувавме да дојдеме до тоа“, рече Марковски. Тој додаде дека заклучокот е поткрепен со фотодокументација, снимки, наодите од другите вештачења и трагите пронајдени во објектот.
На прашањето дали примероците анализирани во лабораторија можеле да потекнуваат и од други полимерни материјали во објектот, а не од полиуретанскиот сунѓер, експертот остана на ставот дека на спуштениот плафон имало поставено таков материјал. „Евидентно е и неспорно дека на спуштениот плафон бил поставен сунѓерот за којшто зборувате. И од фотографии и од снимки кои ни беа доставени. Но, тој сунгер може да го има и во други елементи, што уште повеќе ја влошува ситуацијата и го докажува небулозитетот и неводењето сметка за употреба на соодветни материјали во таков вид објект. За нас е неспорно дека на спуштениот плафон имало поставено полиуретански сунѓер“, рече Марковски.
Во врска со брзината на ширење на пожарот, вештакот рече дека проценката е направена врз основа на повеќе извори. „Оваа проценка е темелена врз основа на разговори водени со Противпожарната бригада во Кочани, врз основа на снимки кои беа достапни на социјалните мрежи и кои ни беа доставени, и врз основа на познавањето на однесувањето на ваквите материјали во случај на пожар“, рече Марковски.
Во текот на испитувањето професорот зборуваше и за градежните интервенции од 2012 година, меѓу кои и зајакнувањето со челични греди. Тој појасни дека анкерирањето било направено на подна плоча, а не на темелна плоча, затоа што објектот немал изведена темелна плоча. „Прво, анкерувањето, односно потпирањето не е вршено на темелна плоча, туку на подна плоча, бидејќи објектот и нема изведено темелна плоча. Дали столбовите се или не се анкерувани во плочата е ирелевантно за улогата за којашто била намената, а намената била за да се осигури плочата, армирано-бетонската плоча, според проектот со дебелина од 12 сантиметри, од новиот корисен товар којшто произлегува од нелегалната пренамена на објектот во дискотека“, рече професорот.
На прашањето дали постои доказ за точниот период кога била изведена интервенцијата, Марковски одговори дека „поголем доказ од исказот на тој што го правел не може да најдете“. Тој, исто така, одговори на прашања за галериите додадени во 2012 година и отстранети во 2024 година, и оцени дека тие влијаеле врз конструктивните елементи.
Во судницата се огласи и родител на жртва. Александар Наунов, татко на едно од загинатите деца, рече дека вештачењето е „јасно, прецизно и аргументирано“, и додаде: „За нас, родителите и семејствата на починатите млади деца, особено е важно што вештачењето не се задржува само на состојбата на објектот, туку ги посочува и пропустите кај надлежните органи, оние кои имале законски надлежности и обврски да постапат. И токму тука е суштината. Одбраната се обидува да го оспори вештачењето, но со напади врз вештаците не се бришат документите, фактите и утврдените пропусти“.
Наунов додаде: „Овој објект не функционирал еден ден, затоа мора да се утврди како било можно да функционира и каде биле институциите што имале законска обврска да постапат. Ние не бараме осуда без докази, бараме никој да не се сокрие зад функцијата, институцијата и туѓа надлежност. Секој што имал обврска да постапи, а не постапил – мора да одговара! Доколку тоа го потврдат доказите, за нашите 63 ангели нема да прифатиме премолчување на ниту еден пропуст. Вистината мора да биде целосна, а одговорноста мора да има име и презиме“.
Судењето го води судијката Дијана Груевска‑Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК; загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI