Почетна
Свет

Мароко го крсти автопатот помеѓу Тизнит и Дакла по Доналд Трамп

Автопатот Тизнит–Дакла од 1.055 км ќе го носи името на Доналд Трамп, го соопштија мароканските власти.

·Свет
Мароко го крсти автопатот помеѓу Тизнит и Дакла по Доналд Трамп

Мароканските власти донесоа одлука автопатот што го поврзува јужниот дел од земјата со спорната територија Западна Сахара да го именуваат по американскиот претседател Доналд Трамп.

Станува збор за автопатот меѓу Тизнит и Дакла со вкупна должина од 1.055 километри, кој, според мароканските власти, претставува „најдолгата патна инфраструктура во цела Африка“ и ќе го носи името „Автопат Доналд Џ. Трамп“.

Благодарност и дипломатска порака

Мароканскиот крал Мохамед Шести, како што беше соопштено, го известил Трамп за планот уште на почетокот на јули. Во писмото кралот наведува дека тоа е начин да му се заблагодарат за „историско признавање на мароканскиот суверенитет над неговата Сахара во 2020 година, што засекогаш ќе биде врежано во меморијата на Мароканците“.

Во декември 2020 година, Трамп даде поддршка за предложениот план за автономија на Западна Сахара под марокански суверенитет, во замена за нормализација на односите меѓу Мароко и Израел.

На својата платформа Truth Social, Трамп се заблагодари на кралот и напиша: "Се радувам еден ден, а се надевам наскоро, да патувам по овој неверојатен автопат".

Западна Сахара, која била шпанска колонија до 1975 година, сè уште има спорен статус: Обединетите нации ја сметаат за „несамоуправна територија“, додека Мароко ја смета за своја територија. Конфликтот меѓу Мароко и Фронтот Полисарио трае околу 50 години и донесе илјадници жртви.

Територијата граничи со Мавританија и Алжир, има површина од приближно 266.000 квадратни километри и околу 650.000 жители.

Фото: Daniel Torok / Wikimedia Commons (Public domain)

Поврзани написи