Почетна
Македонија

Мартин Памер: Во ЕУ има посебен интерес за проширувањето

Амбасадорот на Австрија рече дека дебатата во ЕУ сега опфаќа конкретни земји и најави министерска средба во Виена за една недела.

·Македонија
Мартин Памер: Во ЕУ има посебен интерес за проширувањето

Австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер, изјави дека во Европската унија во моментов постои обновен и конкретен интерес за процесот на проширување и дека во дебатата сега се споменуваат и конкретни држави кои би можеле да се приклучат. Изјавата ја даде на конференција во Скопје, во рамките на иницијативата „Славков 3“.

Настанот беше организиран како дел од „Славков 3“ — неформалната трипартитна иницијатива на Австрија, Чешка и Словачка за поддршка на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. Памер најави и дека за една недела во Виена ќе се одржи министерска средба меѓу земјите од Западен Балкан и трите „Славков“ држави на која ќе се разговара за напредокот кон ЕУ.

"Секако, може да гледате на тој процес во смисла дали чашата е полуполна или полупразна. Северна Македонија направи одлична работа во однос на Планот за раст и благодарение на тоа, на земјата ќе ѝ бидат алоцирани 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок. Сметам дека е важно да се одржи чекорот, издржливоста и посветеноста", изјави Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија.

Интензивирана дебата за нов модел на проширување

Памер потенцираше дека во рамките на ЕУ се интензивира дебатата за нов модел на проширување — постепена интеграција со конкретни придобивки пред полноправното членство. Тој нагласи дека уште не е јасно кој од предложените пристапи ќе биде прифатен.

Во својата изјава амбасадорот спомена иницијативи како француско‑германскиот нон‑пејпер и неформална група држави членки кои настојуваат процесот на проширување кон Западен Балкан да остане високо на агендата и идните членки да не бидат третирани како членки од втор ред. Памер потсети дека на октомврискиот состанок на Европскиот совет лидерите ќе одржат стратешка дискусија за иднината на проширувањето, а дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е најавена да ја посети регионот, вклучително и Скопје, кон крајот на месецот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи